08.08.2013, 15:20 Нова фонтана и старата коцка на плоштад
Градот ќе гради површинска фонтана со прскалки, а во делови плоштадот ќе се реконструира со препознатливата коцка
На централниот плоштад ќе се гради нова фонтана, но без споменик, а во делови ќе се врати и препознатливата коцка. Фонтаната ќе се наоѓа меѓу Камениот мост и Воинот на коњ. Станува збор за фонтана на површинско ниво во која ќе блика вода од 128 прскалки, но само летно време. Фонтаната со димензии 15 на 15 ќе ја градат градските власти, кои за тоа ќе добијат парична помош од Владата во висина од две третини од вредноста на целиот проект.
Кога ќе почне изградбата, кој е автор на идејното решение и има ли потреба од менување на урбанистичкиот план за најавениот нов градски проект, надлежните не информираа. Преку соопштение само најавија дека Град Скопје деновиве објави тендер за изградба на современа фонтана на плоштадот „Македонија“ и за реконструкција на плоштадот. Притоа постојните плочи делумно ќе бидат зачувани, а другите ќе бидат извадени и ќе се употребат на плоштадот кај црквата „Пресвета Богородица“. На местото, пак, на извадените плочи ќе биде поставена коцка. Истовремено, ќе бидат заменети околните канделабри, клупите и кантите за отпадоци. Плоштадот ќе добие нов изглед по нецели седум години од неговата комплетна реконструкција што ја направи тогашниот градоначалник Ристо Пенов. Тој ја извади коцката и целиот плоштад го поднови со гранитни плочи. Сега, плоштадот за потребите на новата фонтана ќе се раскопува втор пат за нецели три години. На него се отвори големо градилиште кога во центарот на Скопје дојава Воинот на коњ. (Дс.Т.) |