07.08.2013, 14:10 Честитка од државниот врв за празникот Рамазан-бајрам
Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во државата.
Тој изразува увереност дека како и досега, и во иднина, во духот на ме��усебното разбирање и толеранција, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за просперитетна иднина, напредок и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, и изградба на модерна и силна Република Македонија.
- Овие празнични денови нека ги зацврстат мостовите на пријателство и блискост, како кон Вашите најблиски, така и кон Вашите соседи, пријатели и сограѓани, а духовниот мир нека Ви донесе успех во сите полиња и дејности на Вашите животи, се наведува во честитката од претседателот Иванов до припадниците на исламската вероисповед во Република Македонија.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски упати честитка
- Во оваа прилика сакам да истакнам дека Република Македонија преку почитувањето на верската различност и негувањето на толеранцијата е пример за едно современо општество. Убеден сум дека сите заедно ќе продолжиме во заложбата за унапредување на меѓусебните односи во Република Македонија кои традиционално се одвиваат во духот на меѓусебното разбирање и ќе градиме еден постојан дијалог што е од интерес за доброто на сите граѓани и за иднината на нашата држава, стои во честитката од претседателот на Собранието, Вељаноски.
Честитката од премиерот по повод големиот муслимански празник
Во честитката на премиерот Никола Груевски по повод големиот муслимански празник се вели изминатите времиња, искуствата и нашите постари, додава, секогаш не учеле и советувале, кога празнуваме да празнуваме заедно, покрај себе да ги имаме нашите роднини и пријатели со кои споделуваме исти верски убедувања, но и нашите соседи и сограѓани од другите религии, и на тој начин на дело да го потврдиме соживотот и пријателството. Таквиот однос може да ни донесе само добри нешта и да го помогне развојот на државата во која заеднички живееме.
Премиерот изрзува уверување дека и во иднина ќе продолжи унапредувањето на меѓусебната почит и соработката помеѓу граѓаните, верниците и религиските заедници од Република Македонија, со цел демократски да го зајакнеме нашето општество и да се поттикне подобар живот на секој наш граѓанин.
Честитка од лидерот на ДУИ
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска им го честита големиот празник Фитр Бајрам на сите членови и поддржувачи на партијата и на сите верници од Исламска вероисповед.
- Се надевам дека семејната радост и мирот помеѓу нас ќе го означи овој голем празник на Фитр Бајрам во кој сите ние ќе се соединиме за да ја подадеме раката на помирување, солидарност и хуманитарност, се вели во честитката од Ахмети, во која се упатени и пораки за толерантност и разбирање.
Лидерот на ДУИ изразува надеж дека Бајрам ќе донесе здравје и благодет во семејствата.
ВМРО-ДПМНЕ им го честитаа големиот празник
Исто така од ВМРО-ДПМНЕ им го честитаа големиот празник на сите граѓани на Република Македонија, припадници на муслиманската вероисповест без разлика на нивната етничка припадност.
- Им посакуваме празникот да го поминат во семејна радост, хуманост и хармонија, меѓу своите пријатели и соседи, со најискрени желби за успех и напредок. Деновите поминати во празнична радост се и денови кога се јакнат општоприфатените вредности на толеранција и меѓусебно разбирање, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.
Овие денови, како што е наведено во честитката, се најдобар миг да ги зацрвстиме нашите вековни принципи на градење на мултиконфесионална и мултиетничка Македонија, во која нашите граѓани од секогаш знаеле да живеат едни со други, а не само едни покрај други, без разлика на нивната верска или етничка припадност.
Честитка од СДСМ за Рамазан-бајрам
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев денеска, по повод големиот верски празник Рамазан-бајрам, упати честитка до Реис ул улема на Исламската верска заедница, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и до сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија.
Заев во честитката на верниците од исламска вероисповед им посакува добро здравје, благосостојба и мир во душата.
- Верувам дека како и досега ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за непрекината промоција на мултикултурната и мултиконфесионалната соработка и соживот во нашата држава. На тој начин заеднички ќе придонесеме во остварувањето на поголема духовна благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, се наведува во честитката од претседателот на СДСМ. |