07.08.2013, 13:58 Прв случај на пренесување на новиот птичји грип од човек на човек
Вирусолозите тврдат дека овој случај од Кина не значи оти новиот вирус е способен да се развива и да се шири лесно меѓу луѓето
Здравствените експерти соопштија денеска дека ��о Кина е регистриран првиот случај на пренесување на новиот вид птичји грип H7N9 од човек на човек.
Според британското специјализирано списание „Медикал џурнал“, 32-годишна жена се инфицирала со птичји грип, додека го негувала во болница својот 60-годишен болен татко. Двајцата подоцна починале во болницата од последици од птичјиот грип, откако откажала работата на неколку витални органи.
До овој случај, немаше докази за тоа дека човек се заразил со вирусот H7N9, преку директен контакт со друг заболен човек. Досега се мислеше дека болеста може да се добие само преку директен контакт со домашна живина.
Младата Кинеска е првата жртва на новиот вирус на птичјиот грип која болeста ја добила од заболен човек.
Вирусолозите тврдат дека овој случај од Кина не значи оти новиот вирус е способен да се развива и да се шири лесно меѓу луѓето.
До крајот на јуни оваа година во источна Кина се регистрирани 133 случаи на болни од вирусот H7N9. Вкупно 43 лица досега починаа од овој вид на птичји грип.
Најголемиот број од жртвите се луѓе кои ги посетиле пазарите за живина и за домашни птици, една до две недели пред да се разболат. Таткото на жената која се зарази од него, болеста ја добил откако посетил еден пазар за живина. |