07.08.2013, 19:17 Обама ја откажа средбата со Путин поради Сноуден
Американскиот претседател следниот месец ќе учествува на самитот на Г-20 во Санкт Петерсбург, но нема да се одржи билатералната средба со рускиот колега
Американскиот претседател Барак Обама ја откажа средбата со шефот на руската држава Владимир Путин, закажана за следниот месец, соопшти Белата куќа.
Во соопштението се наведува дека Обама ќе учествува на самитот на Г-20 во Санкт Петерсбург, но оти нема да се одржи билатералната средба со Путин.
Оваа мерка е одговор на одлуката на Русија да му додели привремен азил на поранешниот соработник на ЦИА и НСА, Едвард Сноуден, кој од САД е обвинет за шпионажа.
Американскиот претседател во својата агенда за време на престојот во Европа ја вклучил и посетата на Шведска.
Заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа Бен Роудс изјави дека одлуката на Русија од минатата недела да ги игнорира САД и да му даде привремен азил на Сноуден само ги влошила и онака тензичните билатерални односи.
- Поради тоа што постои мала веројатност на средбата во Москва да биде постигнат напредок и во однос на други прашања од дневниот ред, претседателот одлучи да ја откаже средбата, додаде Роудс.
- И натаму ќе соработуваме со Русија во однос на прашања за кои можеме да се најдеме на заеднички терен, но претседателот и неговиот тим за национална безбедност имаа ист став дека самитот нема смисла со оглед на тековната ситуација, нагласи Роудс.
САД планираат денеска и официјално да ја известат руската страна за оваа одлука на претседателот, но не е предвиден директен телефонски разговор меѓу двајцата лидери.
Обама во моментов е во дводневна посета на Калифорнија.
Кремљ: Се` уште важи поканата до Обама
Поканата Барак Обама да ја посети Москва и да учествува во преговорите со Путин и натаму е во сила, пренесуваат руските медиуми, повикувајќи се на извор од Кремљ.
За септември во Москва беше закажан самитот САД-Русија на кој требаше да се сретнат и претседателите на двете земји.
Официјална Москва е разочарана од одлуката на администрацијата на претседателот на САД Барак Обама, да се откаже билатералната средба со пр��тседателот на Русија, Владимир Путин, изјави денеска пред новинарите помошникот на Путин, Јуриј Ушаков.
- Очигледно е дека одлуката е поврзана со ситуацијата околу поранешниот соработник на специјалните служби, Едвард Сноуден, кој ние не го создадовме, им рече Ушаков на новинарите.
И директорот на Центарот за политички информации, Алексеј Мухин, изјави дека е разочаран заради одлуката на САД.
- Наместо на таквите средби да се решаваат проблемите и несогласувањата меѓу двете држави, а во иднина да не се доаѓа до вакви ситуации, тие се откажаа од таквиот формат, рече Мухин за радио „Комерсант“.
Независниот политиколог Андреј Воробјов смета дека откажувањето на средбата е последица на претходните потези на САД поврзани со поранешниот сопработник на ЦИА Едвард Сноуден кога Вашингтон отворено вршеше притисок и им се закануваше на земјите кои би можеле на Сноуден да му понудат азил.
- Тие мораа да дадаат некаков одговор по сета таа хистерија, рече Воробјов во програмата на радио „Комерсант“.
Тој смета дека сега Москва мора да биде максимално воздржана, но кажа дека се сомн��ва дека тоа ќе се случи, односно дека ќе следи остра реакција од Кремљ. |