08.08.2013, 13:44 Српската влада повторно се заканува за пченицата
До 15 август ќе се чека Македонија да ја укине одредбата за пченица и брашно од Србија, во спротивно северниот сосед најавува контрамерки
Српската влада најавува дека ќе чека до 15 август да види дали Македонија ќе ја укине одредбата за ограни��ување на увозот на пченица и брашно од Србија. Во спротивно, нашиот северен сосед ќе преземе контрамерки за да се заштитат српските производители. На ова укажала Бојана Тодоровиќ, помошник-министер за трговија, за српскиот весник „Данас“.
„Сите земји на ЦЕФТА донесоа став дека Македонија мора да ја укине мерката која е спротивна со договорот. На Скопје не му беше даден формален термин во кој уредбата треба да биде повлечена, но со оглед дека одлуката е донесена пред еден месец, се очекува Македонија да ја укине до 15 август. Ќе почекаме да видиме дали ќе дојде до тоа и дотогаш нема ништо да преземеме. Со оглед дека се работи за земјоделски производи, ресорното министерство е надлежно да одреди какви мерки треба да преземе по принципот на реципроцитет“, изјавила Тодоровиќ.
Таа додава дека следејќи ги македонските медиуми не забележала дека барем засега Скопје се спрема да ја укине уредбата, како што било договорено. Тодоровиќ за српскиот весник објаснила дека во случај Македонија да не ја испочитува одлуката за укинување на уредбата, Министерството за трговија повторно ќе го поведе тоа прашање пред ЦЕФТА.
Конкретни датуми за повлекување на одлуката нема, потенцира министерот за земјоделство, Љупчо Димовски. „Министерството и Владата ќе одлучат кога ќе се повлече одлуката во зависност од тоа кога ќе се стабилизира домашниот пазар. Кога ќе се оцени дека домашните производители ќе бидат доволно заштитени од српскиот увоз тогаш ќе се повлече и одлуката“, изјави пред извесно време министерот Димовски. (Ек.Р.) |