08.08.2013, 15:25 Го застрелале само што дошол на работа
Во скопски Чаир, утрово е убиен Никола Мандалоски (65), полицијата истражува кој и зошто го изрешетал
Горан Адамовски
Шеесет и петгодишен скопјанец е убиен утрово во фирма за градежни материјали во населбата Чаир. Бил застрелан во неговата канцеларија. На работното место бил сам, останатите вработени биле слободни поради празникот Рамазан-Бајрам. Полицијата истражува кој и зошто посегнал по животот на Никола Мандалоски.
Убиството во фирмата „Паштрик промет“ на улиџата „Џон Кенеди“ во Скопје било забележано денеска околу 8,25 часот. Тогаш двајца купувачи го виделе изрешетаното тело на косопственикот на складот. По извршениот увид, пронајдени биле траги слични на крв и чаури што се земени за вештачење, а телото на починатиот е предадено за вештачење.
Жителите на околните згради се во шок по ладнокрвното убиство.
„Ништо не слушнавме. По утринската молитва во џамија по завршувањето на рамазанските пости, традиција е сите да пукаат во воздух. Можно е тогаш да било пукано во човекот, или, пак, убијците користеле придушувач“, велат соседите.
Според нивните кажувања, Мандалоски бил еден од двајцата сопственици на фирмата. Имале седумина вработени, сите Албанци, па денеска добиле слободен ден поради големиот празник.
„Тој никогаш не остануваше сам на работа. Секогаш имаше барем еден од работниците со него, ама ете вчера, беше сам“, тврдат соседите.
Фирмата за градежни материјали денеска беше затворена, а жолтите полициски ленти сугерираа дека не може да се влезе внатре. Лоцирана е на една од најпрометните улици во Чаир, спроти поштата. Околу се згради и голем број продавници, кои вчера не работеа поради муслиманскиот верски празник. Убиството очигледно било добро испланирано. Соседите велат дека Мандалоски вчера околу 8 часот дошол на работа, а половина час подоцна веќе бил пронајден мртов. Бил изрешетан со куршуми по целото тело.
„Никогаш немало проблем, или, пак, ние не сме знаеле. Немало тепачки, големи кавги или нешто слично. Работеа мирно. Никола беше добар човек, фамилијарен, сопруг, татко. Некој изгледа добро испланирал се', да го начека сам на работа, да биде неработен ден, да не минуваат многу возила, да нема луѓе“, загрижено зборуваат жителите на блиската зграда.
Мотивот на злосторството ја чека полициската истрага. Разните верзии низ чаршијата се на проверка кај инспекторите во МВР. |