26.08.2013, 15:46 Смирени страстите во струшко Октиси
Македонците-муслимани не сакаат да им дозволат на Македонците-православци да си ја обноват црквата
Струга - Колку се силни верските чувства и колку можат лесно да бидат разгорени и злоупотребени, се покажа уште еднаш со спречувањето на изградбата, поставувањето на камен-темелникот на црквата во струшкото село Октиси. Случајот е особено специфичен затоа што станува збор за истородна јазична и национална група, но со различна вероисповед. Македонците-муслимани не сакаат да им дозволат на Македонците- православци да си ја обноват црквата! Ниту сега ниту кога било ќе ја изградат, вели еден од жителите од муслиманска вероисповед. Оправдувањето го гледа во фактот што во тој реон од селото доминираат Македонците-муслимани.
Вжештената атмосфера, за среќа, е смирена, двете „завојувани“ страни се разотидоа, но недовербата остана. Претставниците на двете верски заедници се договорија до крајот на оваа недела да дојдат до договор. Заеднички јазик ќе бараат претставници на муфтивството во Струга, џамиските одбори и градоначалникот на Општина Струга Зијадин Села, отец Зоран Попоски од Вевчанската парохија, архиепископот дебарско-кичевски г. Тимотеј и членови од Црковниот одбор во Октиси.
„Ние градиме храм за изразување на верските чувства, дом за молитва, а не објект за провокација. Оџата вчераутро ги повика верниците од муслиманска вероисповед со мирен протест да го спречат поставувањето темели на црквата, кои требаше да бидат осветени од митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Мирниот протест можеше да ескалира до нешто страшно. Од друга страна, локацијата на која треба да се гради црквата се наоѓа на земјиште во сопственост на Македонската православна црква и ги имаме сите потребни документи и одобренија за нејзина изградба“, вели поп Зоран, кој ја води Вевчанската парохија, во која се и црквите во Октиси и Горна Белица.
На местото каде што е предвидено да се гради црква „Св. Димитрија“, постоел објект кој поради дотраеноста бил урнат. Македонците-православни христијани од Октиси се во право и се оштетена, како што вели владиката Тимотеј - онеправдана страна. Сепак, тој смирува, потсетувајќи дека со сила бериќет не се собира, ниту пак се гради православен храм. Верува дека во соработка со муфтивството од Струга и со ангажман на градоначалникот Села ќе се најде решение. Апелира и до жителите од муслиманска вероисповед од Октиси да имаат поголемо разбирање, затоа што тие се надвор од радикалниот ислам, дека таков нема на овие простори и дека проблемот е свесно наметнат од надворешни структури.
Како и да е, вчерашната тензична состојба во струшкото село Октиси е надмината. Портпаролот на СВР од Охрид Стефан Димоски вели дека состојбата е нормализирана и нема причина за натамошно присуство на полицијата. Таа денеска дејствуваше превентивно, со два кордона пред двата табора, освен вербални дофрлувања, не дозволи физички контакт, ако се изземе потиснувањето, во еден момент, кога спречи мала група да се доближи до владиката Тимотеј. Веќе утре нема потреба ниту да се обезбедува местото. Се добива впечаток како вчера и ништо да не се случило.
Селанец од муслиманска вероисповед, кој инсистираше на анонимност, вели дека никогаш и немало проблеми и дека само една мала група „ги хушка работите“. Жителите се разотидоа, но впечаток е дека недовербата остана. Сепак, договорено е на заедничка средба, сите инволвирани фактори да разговараат за надминување на проблемите. (В.М.)
|