26.08.2013, 16:19 Пусиќ-Бесими: Приемот во ЕУ и НАТО во интерес на регионот
Хрватска стои на ставот дека интерес и на Македонија и на целиот регион е да се исполнат условите Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, како и за прием во НАТО, изјави денеска во Загреб вицепремиерката и министер за надворешни работи и европски прашања Весна Пусиќ по средбата со македонскиот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими.
Загреб смета де��а евроинтеграцијата на овој дел од Европа ќе значи и консолидација на европската територија, и е повеќе од проширување на ЕУ, рече Пусиќ.
Она што за Македонија беше добра вест од евроинтеграциите оваа година, како што рече пак македонскиот вицепремиер Бесими, е членството на Хрватска во Европската унија, што значи дека продолжува концептот на проширување на ЕУ, јави известувачот на МИА.
- Тоа за нас значи дека ние треба да продолжиме да работиме. Стратешки приоритет на Македонија останува членството во ЕУ и во НАТО. Ние работиме на реформите, а го воспоставивме и Дијалогот на високо ниво и петте приоритети, изјави Бесими.
Двајцата соговорници посочија дека продолжува соработката меѓу двете земји, особено во евроинтеграциските процеси, за што е потпишана спогодбата за Евро-атлантско партнерство, но и пошироко.
- Ќе соработуваме и натаму и на европски и на регионални теми, изјави Пусиќ.
Хрватска, вели таа, е членка на ЕУ, но и натаму е дел од регионот на ЈИЕ. – Ние сакаме да бидеме активни и да водиме проактивна политика во нашиот регион бидејќи тоа сметаме дека е клучно за нашата сопствена стабилност, но и за стабилноста и безбедноста на Европа во иднина, рече хрватската министерка.
Бесими и го честиташе влезот на Хрватска во Европската унија, нагласувајќи дека ова е негова прва посета на земја – членка на Унијата по нејзиното зачленување на 1-ви јули и оти таа симболика би сакал да се претвори во конкретен резултат.
|