27.08.2013, 13:36 Бесими-Давитковски: Имплементацијата важна за евроинтеграциите
На средбата со вицепремиерот, претседателот на Комисијата ги предал заклучоците и препораките од вчера потпишаниот извештај
Усвојувањето на Извештајот на ад-хок комисијата за настаните во Собрание��о од 24 декември со консензус претставува позитивен чекор и доказ за подготвеноста на двете страни да ја поддржат неговата имплементација.
Тоа го оцениле денеска на средба претседателот на ад хок комисијата Борче Давитковски и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Давитковски на средбата на Бесими му ги предал заклучоците и препораките од вчера потпишаниот Извештај, со кој се предлагаат конкретни мерки и активности кои треба да се реализираат од домашните институции.
Препораките, меѓу другото се однесуваат и на потребата од усогласување на одредбите помеѓу Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието, предвидување одредби во Деловникот со кои ќе се уреди начинот на работа на координацијата на пратеничките групи, ревидирање на одредбите од Деловникот кои се однесуваат на постапката за донесување на буџетот, подготовка и усвојување на етички кодекс, зајакнување на улогата и на анкетните комисии и овозможување услови за непречено работење на новинарите кои ја следат работата на Собранието.
Вицепремиерот Бесими, соопшти по средбата владиниот Секретаријат за европски прашања, смета дека усвојувањето на Извештајот ќе биде соодветно нотирано и во есенскиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, и оти ќе придонесе за понатамошен напредок во процесот на европска интеграција.
Тој го поздравил постигнатиот договор, при што истакнал дека имплементацијата на заеднички договорените препораки ќе претставува важен приоритет во наредниот период. Дополнително, Бесими потенцирал дека сите надлежни институции треба максимално да се фокусираат на спроведување на реформските процеси со цел навремено и ефикасно да се реализираат обврските што произлегуваат од Пристапниот договор на високо ниво.
Во однос на европската перспектива на земјата, вицепремиерот Бесими истакнал дека е важно да се продолжи и со унапредување на односите со земјите од соседството и регионот при што фокусот треба да се стави на решавање на отворените билатерални прашања.
|