14.05.2012, 13:36 Кривични пријави за 14 лица кои ја каменуваа Владата
Полицијата идентификуваше дел од учесниците во петочните протести, кои фрлаа со камења и повредија неколкумина новинари и полицајци
Четиринаесет лица кои учествуваа во петочното каменување на Владата и на седиштето на ДУИ во Чаир се идентификувани. Полицијата продолжува да ги прегледува снимките од протестите за да се утврди кој се учествувал во насилните протести, кои кулминираат со напад на неколмина новинари, фоторепортери и полицајци кои беа повредени. Против насилните учесници во протестот кој се одржа по петочната молитва во џамиите во неколку градови во земјава, ќе бидат поднесени кривични пријави.
„Врз основа на обезбедените видеоснимки, досега се идентификувани 14 лица ��д Скопје, на возраст од 18 до 39 години. Во консултација со Основното јавно обвинителство, во редовна постапка, против нив ќе биде процесуирана кривична пријава за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, вели помошникот министер за информирање во МВР, Иво Котевски.
СВР Скопје продолжува да работи на идентификување и на други лица инволвирани во каменувањето, по што и против нив ќе бидат поднесени пријави.
Протестите се одржаа во петокот во периодот меѓу 13.30 и 16 часот. Повеќе илјади гражани од муслиманска вероисповед протестираа на повеќе локации во главниот град по приведувањето на 20-мината во акцијата „Монструм“. Протестот беше инициран на социјалните мрежи, организаторите не се познати и не беше пријавен во полиција.
Толпата, според МВР, при дивеењето пред Владата со камења искршила осум прозорци, а ја демолираа и автобуската постојка во близина. Насилното однесување потоа продолжи и во Чаир, а подебелиот крај го извлекоа шестмина полицајци, неколку новинари и фоторепортери кои беа повреди при извршувањето на нивните работни задачи.
Инциденти за влакно беа избегнати и за време на саботните контрапротести, кога помала група на хражани се собраа пред Владата, како знам на револт за петкратното убиство кое се случи пред едне месец на Смилковското Езеро во близина на Скопје. И на овие протести, агресијата повторно беше насочена кон новинарите, кои во знак на револт го напуштија следењето на протестот.
„Протестите на верниците се претворија во обид за дестабилизација на државата“, велат од Сојузот на Македонците со исламска религија. Тие вчера испратија соопштение во кое наведуваат дека „долго најавуваните протести на верниците од исламска религија го изгубија својството на бранители на исламот и се претворија во партиска увертира на желба за дестабилизација на земјава“.
„Извикувањата ‘Учк‘ Учк‘ од страна на учесниците на протестите и виорењето на албанскиот симбол, ни дава за право како припадници на исламот да се сомневаме во чесните намери со кои излегоа да изразат револт кон оние кои го оквалификуваа исламот како радикална религија, а сите муслимани како убијци. Повикот кон формирање на голема Албаниа, не и повик за одбрана на навреда на исламот, поединци, со сигурност тврдиме дека и на Албанците во Македонија не им мислат добро во однос на соживотот“, оценува Сојузот на Македонците со исламска религија. Тие сметаат дека државата прави напори да го расветли случајот, но дека „нарачателите на ова убиство, имаат за цел да го успорат или оневозможат истото, со користење-заведување на пошироките маси, иако една од божјите заповеди гласи „нема никој право да посегне по туѓ живот, дури ни по сопствениот”.(Д.Т.)
|