01.05.2012, 17:13 Големата поетеса си замина со сонце
Светлана Христова-Јоциќ фасцинираше со својата поезија, со начинот на интерпретацијата, со односот кон традицијата
Катерина Богоева
„Песните настанаа така како што се зафаќа
Непознат вез: прав бод, кос, крстец, бод со бод,
Рококо, полнетица, вртен конец
Така во детството зафаќав вез од друшките!
Така ги зафаќав и песниве
Од збор, полузбор, од глас, од созив - издив,
Од гест: од содишка и воздишка!
Од сите сказанија
Од сестра Зиновија
Во нејзината самечка ќелија
Светлана Христова-Јоциќ, извадок од книгата „Самечка ќелија“
Во Друштвото на писателите на Македонија во ден полн со сонце, во почетокот на неделава, на одржаната комеморативна седница по повод ненадејната смрт на големата македонска поетеса Светлана Христова-Јоциќ, беа прочитани посочените нејзини стихови како еден вид животна илустрација за начинот на кој таа го дефинираше својот став за песната. Песните што таа ги пишуваше и читаше добиваа посебна топлина, нудеа специфично чувство на блискост, лесно отвораа патишта до човековите души без разлика дали оние кои ги слушаа, или читаа знаеа многу за поезијата. Поетесата привлекуваше внимание и со самата своја појава, со начинот на кој си ја чешлаше косата, која често ја плетеше во една или во повеќе плетенки, привлекуваше внимание со гардеробата во која скоро без исклучок вградуваше детали од народен вез, фасцинантни парчиња стар накит со што и визуелно го оддаваше начинот на кој го доживуваше светот и себеси. А сето тоа знаеше да го носи, како што и успешно се справуваше со општествените и лични творечки и животни процеси и премрежиња. Како вистинска дама, комплетна уметница, толку ретка на нашиве простори.
Светлана Христова-Јоциќ зрачеше со голема енергија и видлива спонтаност во комуникацијата со луѓето, без разлика кои се и од каде доаѓаат. Го сакаше животот и сонцето, поради што со голема радост, освен десетината свои, високо вреднувани и наградувани книги, го направи и изборот на песни од македонската поезија посветени токму на сонцето. Таа книга едноставно ја нарече „Сонце“. Во нејзиното име се содржи и светлината што таа без задршка ја ширеше околу себе, а си замина во еден еден исто така сончев ден, претходно исполнет со многу активности кои го карактеризираа нејзиниот стил на живеење.
„На последната средба на Саемот на книгата во Скопје, во попладневно дружење на 27 април, таа ни зборуваше за содржината на нејзината нова поетска книга, за подготовката на антологијата ’Дрвото во светската поезија‘, како и за изборот поезија за виното. Ни зборуваше за содржините на новиот број на списанието ’Портал‘, за новитетите што планираше да ги воведе во меѓународната манифестација ’Македонски духовни конаци‘, се радуваше на нејзиното патување на културната олимпијада во Лондон. А само два часа по нашата средба, пристигна веста за нејзината ненадејна смрт. Останаа недовршени многу проекти на неуморната и од Бога обдарена Светлана Христова-Јоциќ“, спомена претседателот на писателската асоцијација, Раде Силјан. Поетесата Бистрица Миркуловска, пак, говорејќи за неоспорната, севкупна авангардност на Светлана Христова-Јоциќ, рече дека тоа неа и' го даде печатот на жена крената на пиедестал.
А биографијата на нашата прва поетска дама која му беше сопруга на карикатуристот Владо Јоциќ, а од првиот брак со писателот Петре М. Андреевски го има синот, сликарот Сергеј Андреевски, е исполнета со многу нејзини значајни исчекори во уметноста, културата, образованието во Македонија. Незборавен останува и респектирачкиот однос кон културното наследство.
Родена на 27 февруари 1941 година во Ресен, таа најпрвин работела како учителка во селата Волино, Мешеишта и Врбјани. По преселувањето во Скопје каде и дипломирала на Филозофскиот факултет, 30 години работеше како новинар во образовните емисии на Македнското радио. Светлана Христова-Јоциќ ја основаше меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“, беше главен уредник на списанието „Портал“, а го уредуваше и списанието „Стожер“. Во литературниот живот на земјава таа беше присутна скоро 50 години, во ДПМ членуваше една деценија помалку, а беше и единствената жена-претседател на оваа писателската асоцијација каде што, меѓу другото, остави голем печат и со инвентивноста и смислата за организација на книжевниот живот.
|