02.05.2012, 17:02 СДСМ поднесе интерпелација, Ставрески подготвен
Пратеничката група на СДСМ вчера до претседателот на Собранието поднесе интерпелација за работата на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. „Сметаме дека министерот Ставрески во изминатите години е најодговорен за катастрофалните економски политики што ги води Владата“, изјави Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ. Според него, со буџетската политика не се креира развој, туку граѓаните и македонското стопанство дополнително се задолжуваат.
„За овие шест години оваа Влада не може да се пофали со еден енергетски проект, ниту со гасификација, ни со изградба на патишта“, изјави Николов.
Ставрески возврати дека поднесувањето интерпелација за работата на секој министер е демократски чин и право на политичките партии во Собранието. „Со задоволство ќе присуствувам на седницата на која ќе се дебатира, и треба да се дебатира за економските состојби, за начинот на кој Владата се справуваа со големите предизвици“, посочи Ставрески. Тој очекува конструктивна и остра дебата. „Подготвен сум за прашањата во делот на економијата, за состојбите со БДП, невработеноста, странските инвестиции, долгот, субвенциите, платите, пензиите. Подготвен сум да се соочам со секој претставник на опозицијата во парламентот, а и со оној кој ја најави интерпелацијата, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски“, изјави Ставрески. (Н.Н.Ф.) |