01.05.2012, 16:31 ССНМ: Нема социјален дијалог во медиумската сфера
Од ССНМ наведуваат дека ја прифатиле поканата за дијалог со Владата, но стекнале впечаток дека станува збор за парадни средби
Повеќе од кога и да е медиумските работници се соочуваат со се' поголема невработеност, со работни договори што не им обезбедуваат никаква социјална и економска сигурност и со директни закани со отказ или казни. Ова се наведува во соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) по повод Меѓународниот ден на трудот.
Притоа се констатира дека не постои социјален дијалог за решавање на проблемите што ја оптоваруваат медиумската сфера и покрај, како што се наведува, сите обиди и покажана волја и трпение од страна на Синдикатот.
Од ССНМ наведуваат дека ја прифатиле поканата за дијалог со Владата, но по неколку одржани средби стекнале впечаток дека станува збор за парадни средби кои не даваат резултат, туку само формално се ��онстатирало постоењето на проблемите.
„Во април испративме порака до Министерството за труд и социјална политика дека следната средба е можна само доколку се подготвени да почнеме да разговараме за начини и рокови за средување на работите, а не за констатирање проблеми по којзнае кој пат. Фактот дека од другата страна не добивме одговор е потврда оти не постои политичка одлука и волја за решавање на проблемите“, оценува ССНМ.
Според Синдикатот, Владата се однесувала индиферентно и незаинтересирано кон создавањето услови и амбиент во кој колективната заштита и социјалниот дијалог би биле загарантирани, поради што работодавците ќе имале простор да одат се' подалеку, како што се наведува, во кршењето на елементарните права на вработените. (П.Р.) |