02.05.2012, 16:56 Македонија подобра од Ерменија
Тениската репрезентација на Македонија почна со победа против Ерменија на турнирот од Третата група на Евроафриканската зона од Дејвис купот, кој се одржува од 2 до 5 мај во Софија
Натпреварот од групата Ц, кој се играше на земјените терени на Бугарскиот национален тениски центар „Карлсберг“, го отвори Шендрит Дејари со лесни 6-2, 6-0 против Даниил Проскура. По него првиот македонски рекет Томислав Јотовски, кој неделава е 996. на АТП-листата, неочекувано го загуби првиот сет со 6-3, пред да ги добие другите два со 6-2 и 6-0 против Хачатур Хачатрјан. Работата требаше да ја довршат Данил Зеленков и Предраг Русевски (1445. на АТП-листата во двојки), чии противници беа Проскура и Хачатрјан.
За Деари ова е прв успех во вториот одигран сингл за македонската репрезентација, а за Јотовски втор триумф во шестиот меч. Зеленков дебитира за националниот тим, а за Русевски ова е последен настап, како и за селекторот Маринковиќ.
Со оваа победа македонските тенисери им се реваншираа на Ерменците за поразот од 2:1 исто така во рамките на Третата група од Дејвис купот во 2000 година на Мадагаскар. Со евентуален успех и во следната средба со носителот Црна Гора, избраниците на капитенот Дејан Маринковиќ ќе се изборат за полуфинален дуел со најдобрата селекција од групата Д, во која се Грција, Норвешка, Малта и Исланд. Победникот од тој меч в година ќе игра во повисок ранг.
Во групата А во Софија се натпреваруваат Литванија, Андора и Сан Марино, а во групата Б се Бугарија, Грузија и Албанија. (Р.Д.) |