01.05.2012, 17:37 Хелсинки последна олимписка шанса за Митров и за Вр��нези
Двајцата борачи денеска патуваат на третиот квалификациски турнир за ОИ во Лондон
Миодраг Мицковиќ
Македонските борачи Дејан Митров (66 кг) и Љуљзим Вранези (74 кг) заедно со тренерот Гари Модосјан денеска патуваат за Хелсинки, каде што ќе настапат на третиот и последен квалификациски турнир за Олимписките игри во Лондон. Поради немање средства, тие не учествуваа на вториот турнир минатиот викенд во Кина, така што Финска им е последната шанса да го визираат пасошот за Лондон. За борачите нема вајлд-карти за учество, па само со исполнета олимписка норма може да се настапи на Олимпијадата, а тоа е пласман во финалето на трите турнири.
Најблиску до исполнување на нормата беше Митров, кој на почетокот на април заедно со Вранези учествуваше на првиот турнир во Софија. Беше на чекор до Лондон, во првите две кола забележа победи со туш во мечевите со борачите од Италија и од Полска и му беше потребна само уште една победа за пласман во финалето, но во решавачката борба загуби со 3:1 од борачот од Белорусија, Али Шабанов. Вранези, пак, во Софија уште на стартот налета на борач од Украина и беше поразен на поени.
За разлика од Бугарија, каде што настапија само борачи од Европа, во Кина и сега во Финска на душекот ќе се појават сите борачи од светот што досега ја немаат исполнето олимписката норма. Токму затоа и задачата за пласман во финалето за Митров и за Вренези ќе биде уште потешка.
„Се' уште сум тажен поради пропуштената голема шанса во Софија“, ни рече Митров пред патот за Хелсинки. „Веќе се видов на Олимписките игри во Лондон, но мојот противник од Белорусија, многу поискусен од мене и со медал од Олимпијада и од Светско првенство, беше навистина многу силен. Но, и јас згрешив што не бев поактивен кога тој поведе со 2:1. Во Хелсинки ќе се обидам да ја исполнам мојата најголема животна желба - да учествувам на Олимпијада“.
Во Хелсинки, исто како и во Софија, нема да настапи Дејан Богданов поради повреда на рамото. Тој тренираше, но се' уште ги чувствува последиците од повредата.
На сите пет олимпијади откако Македонија е самостојна држава таа имаше свои претставници во борење слободен стил. Освои и еден медал, бронзениот на Могамед Ибрагимов во Сиднеј 2000. Тоа е и единствениот олимписки медал за македонските спортисти по стекнувањето на независноста.
Во Барселона 1992 настапи Зоран Шоров, кој ги помина првита два круга. Во Атланта 1996 се бореа Шабан Трстена, кој го освои петтото место, како Валериј Верхушин (заврши десетти) и Влатко Соколов (11 место). Во Сиднеј 2000 Ибрагимов го освои бронзениот медал, а Насир Гаџиханов беше седми. Во Атина 2004 македонските борачи имаа многу слаб настап: Ибрагимов беше дури 19., откако пред Олимпијадата беше убиен неговиот брат, а Шихамир Османов заврши на 17. место. На последната Олимпијада во Пекинг во 2008 година настапи само Мурат Рамазанов, кој го освои седмото место.
Од македонските борачи во поранешна Југославија до олимписки медали стигнаа Шабан Трстена (златен и сребрен) и Шабан Сејдиу (два бронзени). Од 1968 година и Олимпијадата во Мексико македонските борачи секогаш беа присутни на најголемиот спортски собир на светот, во дресот на Југославија или на Македонија. Првите олимпијци од Македонија во Мексико беа токму борачите Симеон Шутев и Борче Димовски. |