01.05.2012, 17:31 Оклахома поведе со 2:0 против Далас
Оклахома Сити му нанесе уште еден срцепарателен пораз на Далас во НБА-плејофот, поведувајќи со 2:0 против бранителот на титулата во серијата што би можела брзо да заврши. Очајничкиот обид на Џејсон Тери да постигне тројка заврши во обрачот и Маверикси загубија со 102:99 од домаќинот, кој ја отвори серијата од првото коло со победа од 99:98 откако Кевин Дурант го посака топката во последната секунда од мечот во саботата. Шампионот немаше таква среќа и ќе мора да се престрои пред продолжението на серијата до четири победи во Западната конференција задутре во Далас.
Дирк Новицки постигна 31 кош за гостите и се вмеша во тепачката со Се Ибака и со Кендрик Перкинс од Оклахома во првото полувреме.
„Не сакаме ниски удари од нив, а и тие не сакаат кога ние им упатуваме“, изјави тренерот на Далас, Рик Карлајл. „Валканата игра мора да запре. Не сакаме некој да излезе повреден од сето тоа“.
Тандерси ја остваруваат својата нова улога на фаворити во серијата и беа предводени од 29. поени на Расел Вестбрук, како и од 26 коша и 10 скока на Дурант. Оклахома реализира шест слободни фрлања во низа во последната минута и стигна до триумф.
„Имаме поддршка од публиката и играме со срце“, изјави Вестбрук. „Завршивме добра работа во одбраната и погодивме важни слободни фрлања на крајот“.
Маверикси влегоа во последната минута со предност од еден поен, откако го контролираше првиот меч на ист начин, но потоа постигна само еден кош од игра.
Во Источната конференција Индијана ја најде својата игра во второто полувреме од дуелот со Орландо, славејќи го со 93:78 и израмнувајќи го резултатот на 1:1 во серијата. Пејсерси ја добија третата четвртина со уверливи 30:13 и со нерешен скор патуваат во Орландо, каде што денеска ќе се одигра третиот натпревар.
Дејвид Вест, Дени Гренџер и Џорџ Хил постигнаа по 18 коша за домаќинот, а Глен Дејвис ги предводеше „магичните“ со 18 поени и 10 скока. Орландо е без повредениот ол-стар играч Двајт Хауард.
Мајами поведе со 2:0 против Њујорк, добивајќи го дома и вториот меч со Никси, овој пат со помалку уверливи 104:94. |