01.05.2012, 17:28 Тенисерите во група со Црна Гора и со Ерменија
Денеска со Ерменците на стартот од Третата група на Дејвис купот во Софија
Носителот Црна Гора и Ерменија се противниците на македонската тениска репрезентација во рамките на групата Ц од Дејвис купот. Турнирот од Третата група на Евроафриканската зона ќе се одржи од 2 до 5 мај на терените на бугарскиот национален тениски центар „Карлсберг“ во Софија, а прв противник на избраниците на селекторот Дејан Маринковиќ денеска од 10 ч. ќе им бидат Ерменците.
Македонскиот тим го сочинуваат Томислав Јотовски (996. на АТП-листата во сингл и 880. во двојки), Шендрит Деари, Данил Зеленков (1387. во сингл) и Предраг Русевски (1530. во сингл и 1445. во дубл), кому ова ќе му биде последен настап во Дејвис купот. За Ерменците ќе играат Хачатур Хачатрјан, Ашот Геворгјан, Даниил Проскура и Микаел Аветисјан, а капитен е Вахе Аветисјан. Црногорскиот капитен Мирко Бјелица, пак, ги пријави Љубомир Челебиќ (1728.), Игор Савелјиќ, Иван Савелјиќ и Павле Роган.
Победникот на групата во полуфиналето ќе игра со најдобриот од групата Д, чиј носител е Грција, за место во финалето што води во Втората група од Дејвис купот. Македонија и Ерменија се имаат сретнато еднаш, во рамките на Третата група пред 12 години о Мадагаскар и тогаш славеа Ерменците со 2:1. Со Црногорците прв пат ќе играме.
Носител на групата А е Литванија, на групата Б домаќинот Бугарија, а на турнирот ќе настапат уште Албанија, Андора, Грузија, Исланд, Малта, Норвешка и Сан Марино.
Македонија лани беше домаќин на турнирот од Третата група, но не успеа да се врати во Втората група. Во првата фаза ги совлада Андора со 2:1 и Сан Марино со 3:0, но загуби со 2:0 во клучниот дуел со Турција. (Р.Д.) |