02.05.2012, 09:31 Во Собранието расправа по ребалансот на Буџетот за 2012
Со ребалансот има намалување меѓу 4,5 и 5 отсто, односно намалувањето на вкупните буџетски расходи е за 7,6 милијарди денари и намалување на буџетските приходи за 7 милијарди и 390 милиони денари
Предложениот ребаланс на буџетот од денеска е пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со ребалансот има намалување меѓу 4,5 и 5 отсто, односно намалувањето на вкупните буџетски расходи е за 7,6 милијарди денари и намалување на буџетските приходи за 7 милијарди и 390 милиони денари.
Намалување има кај сите министерства и ниедно од нив не е поштедено. Секаде ќе има штедење кое е сконцентрирано, главно, на три категории - стоките и услугите, трансферите и капиталните расходи. Капиталните проекти нема да бидат запрени. Ќе се штеди само кај тие што се реализираат со побавна динамика или кај оние за кои е утврдено дека намалувањето на средствата до крајот на годинава нема да им наштети.
Кратењето е поради рецесијата на голем број земји во ЕУ, што предизвика последици и во македонската економија и во буџетските приходи во првите три месеци од годинава. Со ребалансот ќе се подобри ликвидноста во домашната економија.
Буџетскиот дефицит останува на 2,5 проценти, а инфлацијата 2,8 проценти и главно таа е одраз на порастот на цените во изминатите неколку месеци, а под влијание на цените на нафтата на светските берзи.
Проекцијата на Владата за растот на БДП во 2012 е да изнесува 2,5 проценти. Притоа во предвид биле земени негативните резултати во индустриското производство во првите три месеци.
За финансирање на буџетот за 2012 година Владата донесе одлука за задолжување кај Дојче Банк за 250 милиони евра.
|