02.05.2012, 09:36 Oбјавeн составот на новата Влада на Романија
Мандаторот за состав на новата влада на Романија, Виктор Понта синоќа го објави составот на неговиот владин кабинет.
Новата влада ја сочинуваат министри од Социјално-либералниот сојуз, во кој партиципираат Социјалдемократската, Национално-либералната и Конзервативната партија, чии прартеници во петокот и изгласаа недоверба на досегашната Влада на Михај Унгуреану.
- Ова е посебна влада составена за посебно време. Има ограничен мандат - до парламентарните избори во ноември, изјави Понта на прес-конференција во Букурешт.
Според Понта, еден од приоритетите на неговата Влада ќе биде „исправување на неправдата и неправилностите“.
Новата влада има 21 член. Вице-премиер и министер за финансии е Флорин Георгеску, а шеф на дипломатијата е Андреј Марга. Корнелија Добротоја е нов министер за одбрана, Јоан Рус за внатрешни работи, Виктор Пол Добре за државна администрација, а Леонард Орбан за евопски пр��шања.
Се очекува Парламентот да гласа за избор на владата на Понта на 7 мај.
Доколку Владата не добие доверба во Парламентот, не е исклучено во Романија да бидат одржани предвремени парламентрани избори на почетокот на летото.
Кабинетот на претходниот премиер Унгуреану се соочи со незадоволство заради политиката на економско штедење што е дел од договорот со ММФ. Досегашната Влада беше формирана пред само два месеци по оставката на претходниот премиер Емил Бок во февруари годинава, по серијата масовни протести и зголеменото незадоволство на граѓаните.
|