03.06.2010, 18:43 Осомничениот за педофилија од ОБСЕ си заминал во Норвешка
Непријатни мигови за Мисијата на ОБСЕ во Македонија
Тамара Грнчароска
Високиот функционер во Мисијата на ОБСЕ во Македонија за кого се води истрага за педофилија се наоѓа на безбедно место, во Норвешка. Политичкиот советник на амбасадорот во Мисијата уште пред десетина дена заминал на „одмор“, иако полициската истрага против него веќе била започната, а тој бил предупреден за тоа.
Од седиштето на ОБСЕ во Виена, каде што од Мисијата во Скопје беа преупатени нашите прашања, вчера не добивме одговор кога точно 30-годишниот Норвежанец заминал на одмор и кога треба да се врати, како и одговор на прашањето дали дозволата да оди на одмор му е потпишана откако започнала истрагата за негова вмешаност во педофилија. Неофицијално се дознава дека македонската полиција пред повеќе од две недели конфискувале неколку компјутери на Норвежанецот од неговиот стан во кои бил пронајден обемен материјал на детска порнографија.
Истрагата за педофилскиот скандал во ОБСЕ, како што неофицијално се дознава, привршува и се очекува деновиве МВР да поднесе кривична пријава против него до Јавното обвинителство, по што обвинетиот ќе се бара да биде вратен во Македонија. Како што дознаваме, норвешките власти за целиот случај разбрале од медиумите и се чека официјална реакција од Македонија за да можат и тие да постапат по случајот.
До редакциите на медиумите деновиве пристигна уште едно анонимно писмо во кое се наведува дека кога стартувала истрагата против Норвежанецот, на амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Хозе Луис Хереро, од страна на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, му било укажано дека неговиот политички советник не треба ја напушта земјава додека не заврши постапката.. Сепак, Норевежанецот, со потпишана дозвола за користење денови од одмор, ја напуштил Мисијата и Македонија. |