СТИЛ
Атмосферата во „Св Пантелејмон“ ме повика да направам изложба
Валентино Манев надвор од градската врева ги презентираше своите слики
Катерина Богоева
Во манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“ во некогашнaта клет, сегашен истоимен ресторан, изминатите десетина дена беше поставена изложбата „Злато и Гримиз“ на Валентино Манев, сликар од Скопје, кој своите дела прв пат по 25 години творење ги презентираше на самостојна изложба. За специфичниот изложбен простор, надвор од градската врева, говореше со посебен пиетет.
„Проткаен е со здивот на долговековно светилиште, кое денес на својата почва крепи христијанска црква со уникатна фреска која е дел од светското културно наследство. Таквата атмосфера едноставно ме повика да создадам настан, како еден вид експеримент. Своите дела ги смета за еден вид прибелешки при процес на студирање, само што, како што вели, се сместени во ликовен медиум.
„Темите на студирањето навлегуваат во периодите на создавање и развиток на разните видови човекова свест, како митолошката, религиозната, научната, изразени низ ликовна претстава. Денешните јазици и писма се бледи упростувања на симболичните претстави кои биле во оптек при комуникацијата во предмитолошкиот период. Мојот акцент се однесува на симболичкиот јазик кој ги преживеал времињата на ефемерноста и го преземал местото на универзалното значење во главните сегменти на човечката егзистенција. Од таа гледна точка, на пример, крстот го разгледувам и претставувам како вкрстување на материјалното, хоризонталното и духовното, вертикалното, во најширока хуманистичка смисла. Оттаму, и калинката не ја сликам за да прикажам овошје, туку претстава на органско заедништво на здружени единки во цврста организирана структура. Скорпијата не е само опасно животно, туку е и претстава на каузалноста на природата. Во оваа точка, реализмот ја прескокнува границата на тривијалноста и навлегува во филозофската нишка која е првиот предуслов за кое било уметничко дело. На тоа се надградува и етичкиот момент на делото, чиј императив бара тоа да биде убаво и благопријатно“.
Овој автор во откривањето на тајните на ликовниот свет не ги врвел факултетските патишта. Изложбата беше повод и да ги открие и своите размисли за останатите нешта поврзани со сликарството, како што е процесот на авторско созревање.
„Созревањ�� како сликар не постои. Постои само созревање како филозоф. Филозофската подлога е првиот и клучен предуслов за секое уметничко дело. На македонска почва такви примери се Димитар Кондовски во сликарството или Анте Поповски во поезијата, Владимир Спасов, кој се изразува во дрво, бакар и кожа, Бодан Арсовски во музиката итн. Сите се првично филозофи, а потоа секој се движи во правец на своето изразно средство. Сликарската технологија е далеку поедноставниот дел од процесот, затоа сметам дека немам многу изгубено без формалното факултетско образование“. |