СТИЛ
Светска тага за „месечевиот танчар“
Тропските горештини не спречија 1.400 затвореници во филипинскиот затвор да му оддадат почит на Мајкл Џексон, играјќи го танцот од спотот на „Трилер“
Смртта на Мајкл Џексон создава нови параметри за проучување на социјалниот феномен - идол
Јасминка Павловска
Десетина дена по ненадејната смрт на Мајкл Џексон, со сета сензационалност на медиумите во известувањето за причините за неговата смрт, наследството, старателството врз децата, шпекулациите со денот и местото на закопот..., која понекогаш звучи и брутално бесчувствителна, неговите обожаватели од целиот свет се' уште не веруваат дека Џеко повеќе го нема. Во сиот цинизам на модерниот свет, прераната смрт на човекот кој го измисли „месечевиот танц“ (дури има патентирано и антигравитациски чевли за тој вид танц), искрено ја оплакуваат милиони (можеби и милијарди) жители на планетава: од загрижените обожаватели, кои го следеа од почетокот на кариерата и го знаат напамет секој негов стих, па до оние што го познаваа по најголемите хитови, како што се песните „Трилер“ и „Бед“. По легендарниот пејач тагуваат оние што пораснале со неговите песни, но и оние кои се' уште не биле родени кога Џексон беше на врвот на својот музички свет. Сите се свесни дека со неговата смрт дојде и крајот на една ера во историјата на модерната музика.
Бројни следбеници на неговите лик и дело се собираат пред неговиот дом во Лос Анџелес, каде што живееше во последните години, како и пред „Недојдија“ во Лос Оливос, имотот каде што Џеко сакаше да го оствари својот сон и да остане дете засекогаш. Расплаканите обожаватели оставаат цвеќе за својот крал и палат свеќи. За негов спомен ставаат бели ракавици, неговиот заштитен знак и му мавтаат за последен пат...
Жителите на Лондон, градот каде што Мајкл Џексон требаше да одржи 50 концерти во арената „О2“, ноќта по објавувањето на неговата смрт ја пробдеаја на Трафалгар сквер со неговите песни и обиди (успешни и помалку успешни) да танцуваат како „мунвокерот“.
Тропските горештини не спречија 1.400 затвореници во портокалови комбинезони, кои се наоѓаат во еден филипински затвор, да му оддадат почит на починатиот крал на попот, Мајкл Џексон, играјќи го танцот од спотот на „Трилер“ во дворот на затворот, кој прв пат го одиграа пред две години, а досега на „Јутјуб“ е виден 24 милиони пати. Репризната изведба низ решетки имаа можност да ја погледнат и жителите на провинцијата Кебу. Петнаесетминутната кореографија затворениците ја изведоа беспрекорно, односно претходниот ден вежбале 10 часа. Пауза направиле во 3 часот по полноќ за да се одморат за минатосаботната изведба.
Колку и да е разбирлива човечката психологија на поврзување во тагата по идолите, колку и да е тоа видено во случаите на Елвис Присли, Џон Ленон, Курт Кобејн..., смртта на Мајкл Џексон, иако во последниве десет години го сметаа во „отпишаните“, создава нови параметри за проучување на социјалниот феномен - идол.
Жителите на Берлин палат свеќи во чест на кралот на попот
Ако на погребот на Елвис Присли во „Грејсленд“ дошле 700.000 луѓе, за погребот на Мајкл Џексон се очекуваат најмалку еден милион. На првата полуинформација дека неговото тело ќе биде изложено во стаклен ковчег во „Недојдија“, таму се слеа неброен народ. Всушност, каде и да биде последното поздравување со кралот на попот, се чини, бројката на луѓе кои ќе дојдат да го испратат секој ден ќе биде се' поголема. Тие се подготвени да одат и на крајот на светот да го испратат кралот! Откако пропадна планот за изложување на телото во стаклен сандак и погреб во „Недојдија“, обожавателите без здив го очекуваат секое решение на семејството.
Дали Мајкл Џексон беше повеќе среќен или несреќен во својот живот - им останува за „претресување“ на сите оние што го сакаа, го сожалуваа, му се потсмеваа или, пак, дури беа и рамнодушни кон Мајкл Џексон. Се чини дека, и покрај сето богатство и планетарна слава, немаше такви што го мразеа Мајкл Џексон. Неговата љубов спрема музиката, танцот, со кои се обидуваше да остане вечно дете, колку и да се наивни, едноставно, „се кријат во секого од нас“. |