СТИЛ
Извор на животот и здравјето
Со широко отворено срце ние искрено го поздравуваме Сонцето со СУРЈА НАМАСКАРА
Љубе Луј Ѓеоргиоски
Човекот од памтивек до денес е во постојана и вечна потрага во откривањето на мистериите на природата и Космосот, секојдневно спознавајќи ги, ја открива тајната на вечноста со која која ширум му ги отвора порите да се спознае и се открие и себе си. Бројни се напорите во тој поглед. Тој се обидува да си ги подобри условите за живот, а во исто време вечно копнее да ја открие смислата за својот живот и постоење. Во повеќеилјадната историја, луѓето освојувале нови простори, далечни и непознати: патувајќи зад седум планини и седум мориња, нурнувајќи во мрачни и темни морски длабочини, вивнувајќи се во бескрајни небески височини а визуелно и ментално допирајќи до несогледливи космички далечини и откривајќи ги тајните на атомот, секогаш и по правило останувајќи вечно незадоволни. Неуморниот човек, обземен со разочарување и срам, повторно се враќа назад кон себе, кон своето тело, дух и душа. Само тогаш тој ја открива вистината за себе, за смислата на своето постоење и дејствување. Природата и традицијата го подучуваат човекот дека одговорите се во него и околу него.
Во утринските и вечерните часови, во миговите кога Сонцето изгрева или заоѓа, сончевите зраци се исклучително благотворни и позитивни како за човекот, така и за целиот жив свет. Затоа, будењето и активностите на бројниот жив свет во природата започнуваат пред изгревот на Сонцето а одењето на починок завршува со залезот на Сонцето и со појавата на првиот вечерен мрак.
Уште од дамнина, од прастари времиња јогините имале обичај кои се задржал до денешни дни: да се разбудат многу рано, да ја направат својата утринската хигиена и пред изгревот на Сонцето, пред да се појават првите сончеви зраци да бидат подготвени за својата редовна и секојдневна јога вежба - садхана. Многумина од практикантите на јогата, бројни школи за јога - ширум светот и низа учители по јога, денот го започнуваат со древната јога вежба: СУРЈА НАМАСКАРА - Поздрав на СОНЦЕТО со лицата свртени кон Сонцето. Живата традиција потврдува дека редовната јога пракса на СУРЈА НАМАСКАРА ги преобразува практикантите во јаки, здрави, витални, чисти и сјајни личности. Секој практикант на јогата како вистински заљубеник на природата и поклоник на Сонцето како дар го добива од него: здравјето, виталноста, радоста и светоста. Сонцето нашиот космички, витален извор и светлосен вруток, тоа нам ни го нуди и неуморно ги благословува сите кои му оддаваат должна почит. Таа е позитивна навика, една минимална а сепак редовна обврска, секое утро да се оддаде почит кон космичката светлината наречена СОНЦЕ, кога со широко отворено срце, ние искрено „го поздравиме Сонцето“ со СУРЈА НАМАСКАРА.
Како што е познато и многупати досега потврдено: најскапо е загубеното здравје а најчесто најдобриот лек е најевтин. Древната јога традиција го потврдува ова правило. Лекот е во нас: само треба малку да издвоиме време за себе, кога со со практикување на јога се спознаваме и себе си. Ова е живототворен и доблесен принцип за здравје и долговечност. Кога секој би се дисциплинирал во извршувањето на своите катадневни обврски и од севкупниот дневен ангажман и ритам на должности, одвои барем малку време за себе и својата секојдневна јога пракса - абјаса, тогаш светлината и доблестите повторно се навраќаат и навлегуваат во секојдневието на овие луѓе. Јогата а особено СУРЈА НАМАСКАРА – Поздравот на СОНЦЕТО е оној доволен минимум на секојдневен нужен напор вложен во себе, кој може и постојано ни дава виталност, вечно здравје, неограничена снага, цврста дисциплина, вистинско знаење - видја, величенствен духовен мир, хармонија во себе и со околината околу себе. Ако сакаме да ги стекнеме овие особини и да имаме совршена контрола врз себе, врз своето тело и ум, треба да се прифати СУРЈА НАМАСКАРА – Поздравот на СОНЦЕТО како катадневна вежба која се потврдила низ своето долговековно постоење. Оваа вежба постојано подучува дека дисциплината се стекнува и се надградува преку пракса на редовни, постојани и секојдневни јога вежби. Дванаесетте вежби од циклусот СУРЈА НАМАСКАРА - Поздрав на СОНЦЕТО ја враќаат подвижноста и виталноста на телото. Тие обезбедуваат совршено владеење со телото, контрола на здивот, преку кои се смирува умот, се продлабочува концентрацијата и се проширува свеста.
Умерената, редовна пракса на СУРЈА НАМАСКАРА – Поздравот на СОНЦЕТО ја враќа самодовербата, хармонијата со околината и почитта на Природата и Космосот. Така овој совршен циклус на вежби ствара навики на здраво и креативно живеење. Тоа доведува до трансформација на јога практикантот во доблесна и позитивна личност, пред се задоволна од себе, корисна за себе, за своите блиски, позитивна за родната земја и грижлива за Сината Планета и за нејзиниот спас.
|