СТИЛ
„Боеми“ - 20 години музички мераци
„Боеми“ на 10 јули во Битола, во стил на боемска вечер ќе го отсвири како за своја душа јубилејниот концерт
Јасминка Павловска
И кога би рекле дека сме останале исти, и тие ретки фотографии што ги имаме би не' демантирале - на шега, на мајтап, сосема типично за нив, битолските „Боеми“ се подготвува за својот дваесетгодишен јубилеј. А, за волја на вистината, не исти од пред дваестина години - зашто за сето време се трудат да станат помлади. Но, нивниот „лек“ ни оддалеку не е пластичната хирургија, волшебни напивки или некои други баења - туку едноставно „Боеми“ го зголемуваат членството. Па, така, во последната година од шестмина во групата, станаа - седум, само за да имаат аргумент да се нарекуваат „седуммина млади“. Од минатата година на Тони, Столе, Пански, Стево, Мендерес и Паунот им се придружи Стевче Тасевски, како засилување во дувачките инструменти. И него се' уште не го нарекуваат по прекар, зашто треба да си го заслужи.
Всушност „Боеми“ стануваат „ се' помлади“ за инает на времето и за атер на убавата песна, што легнува на душата, како сон на мека перница. Продолжуваат со старите тертипи за чаршиски мајтапи, чашити од битолската “школа” и староградскиот лиричен звук за ќеф, што умее да го скроти дури и хаосот од секојдневјето.
За овие дваестина години постоење, во несменет состав, што ги прави речиси единствена група во земјава, па и пошироко, снимиле педесетина песни. Кога ќе се вади просек, излегува по 2,5 песни на година, но тие никогаш не ни сакале да бидат просечни. Ни тие, ни нивните песни!
- Нашите песни не се за просек, туку за мерак, за душа. Настапувавме и на фестивали ( сега поретко), но ни тогаш не беше за награди. Ама ни се случуваше некогаш да „промашиме“, па да не' наградат. А си ги сакаме сите песни: првата зашто е прва, втората зашто е по неа... и така натаму. Но она што е најубаво е што нашите боемски вечери во Битола, не минуваат без „Не помага ни виното“, „Свири стара тамбуро“, „Пијте за мојта душа“, „Антико“, „Таа што ме остави“, „Од Бога било пишано“, „Крв боемска“... - едногласни се седуммината „Боеми“. Сега за јубилејот снимивме уште две песни, едната пригодна, јубилејна, наречена „Цели дваесет“ од Николче Мицевски и Борче Нечовски, а и љубовната „Само една дума“ од Боби Поповски, во аранжман на Миодраг Нечак - Микс. А имаме соработувано со многу композитори и пејачи. Се надеваме дека сите ќе успеат да дојдат на нашиот јубилеен концерт - признаваат без „присила“.
За овие дваесетина години постоење, „Боеми“ имаат свирачка километража за пат околу светот. Свиреле и пред претседатели на држави ( на минатогодишниот самит на претседателите на Југоисточна и Централна Европа во Охрид), големи концерти, на гостувања и манифестации во странство, но немаат намера да го менуваат својот “боемски поглед на светот“. Свесни дека во боемството е нивниот шарм, на 10 јули годинава, на Олимпискиот базен во Битола, во стил на боемска вечер ќе го отсвират како за своја душа јубилејниот концерт. Всушност, тие и не знаат да свират, ни пеат поинаку - секогаш само како за своја душа, дури кога се и пред неколку илјадна публика. И така кога ќе влезат во нечие срце, тешко излегуваат од таму, како и нивните песни. |