СТИЛ: Писмо од Лондон
Нема милост за „бегалецот на столетието“
Рони Бигс, секако е најпознатиот криминалец во Велика Британија, како учесник на „грабежот на столетието“
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Затвореникот Рони Бигс од одделот за стари и болни затвореници во затворот во англискиот град Норич, од неодамна е префрлен во болница, поради пневмонија и скршеници на колкот по падот во својата ќелија. Тој има 79 години, па откако во затворот претрпе два мозочни удари има фацијална парализа, поради која не може да зборува, ниту нормално да зема храна. Со тешко нарушено здравје, тој се храни со помош на цевка, комуницира пишувајќи на специјална плоча, а самиот не може да направи повеќе од два чекори. Кога минатиот месец речиси сите лондонски медиуми објавија дека на почетокот од јули Бигс ќе биде пуштен од затвор, за да се пресели во собата на еден старечки дом за тешко заболени лица, сите се согласија дека на најпознатиот бегалец во британската криминална историја, ќе му се исполни желбата да умре дома, во Англија и како слободен човек. Таквите очекувања се зголемија откако и комисијата за помилување, расправајќи по неговата молба од 2007 година, препорача дека со оглед на сегашните (здравствени) околности во кои се наоѓа затвореникот, тој би можел да биде ослободен, но надежите за Бигс и за неговите адвокати се растурија како меур од сапуница, кога министерот за правда Џек Стро одби да го потпише помилувањето. Објаснувањето на министерот е дека кај затвореникот „целосно отсуствува“” волјата и желбата за покајување за она што го има направено.
Рони Бигс е, секако, најпознатиот криминалец во Велика Британија, како учесник на „грабежот на столетието“ извршен пред безмалку 46 години, а потоа и како бегалец кого Скотланд Јард никогаш не успеа да го фати и да го врати во затвор, се' додека тој самиот, во 2001 година, не одлучи да престане со бегањето. Доброволно се врати дома, за да, како што рече тогаш, испие чашка англиски еил (светло домашно пиво) и мирно умре на домашна почва. Не успеа да влезе во ниту еден паб, туку веднаш по пристигнувањето на аеродромот беше одведен во добро обезбедуваниот затвор Белмарс. Една година подоцна, се венча со мајката на неговиот најмлад син Мајкл, кој сега ја води битката за ослободување „од милост“ на неговиот татко, а откако здравјето почна забрзано да му се влошува, беше префрлен во затворот во Норич каде има посебен оддел за таквите како него.
„Славата“ на овој човек почна ноќта на 8 август 1963 година, кога како дел од 15-члената банда, близу до малечката и мирна железничка станица Чедингтон, во англиската област Бакингамсајар, го запреа поштенскиот воз, полн со пратки и со пари, што патуваше меѓу Глазгов и Лондон. Членовите на бандата претходно ги сменија сигналното светло на скретницата, па машиновозачот иако изненаден поради запирањето на композицијата, што не треба никаде да застане, немаше време да прашува што се случува, затоа што маскираните разбојници се втурнаа во вагоните и од нив извлекоа 120 вреќи со користени пари. Со себе однесоа 2, 6 милиони (тогашни) фунти, што беше означено како дотогаш, најголема кражба на готови пари, а весниците случајот веднаш го прогласија за „грабеж на столетието“, иако во денешните пари станува збор за сума од околу 40 милиони, што е за десет помалку од грабежот од депото за чување пари во Кент, од пред околу три години.
После само девет денови беше фатен и уапсен еден од разбојниците, а во јануари 1964 година полицијата веќе имаше доволно докази за покренување судење на 12 од 15-те членови на бандата. Сите освен еден, добија казни затвор меѓу 20 и 30 години. Рони Бигс „заработи“ 30 години затвор, но во ќелијата остана само 15 месеци, затоа што со уште еден од бандата, со помош на во затворот направени јажиња, го прескокна 10 метри високиот затворски ѕид и побегна. Прво во Париз, каде го чекаше тогашната сопруга и двете деца. Таму изврши пластична хирургија, а потоа се пресели во Австралија. Кога Скотланд Јард му се „приближи“ и се закани да го најде, Бигс избега во Бразил, земја со која Британија нема спогодба за екстрадиција. Таму остана до 2001 година, а во меѓувреме стана „медиумска ѕвезда“, комуницирајќи со британската јавност преку изјавите и интервјуата за лондонските таблоиди кои правеа тираж, а тој обично им се потсмеваше на британската полиција која никогаш не се откажа од тоа повторно да го уапси. На телевизијата се прикажуваше како Бигс ги слави своите родендени на плажите на Копакабама во друштво на разголени Бразилки и заедно со неговите тамошни другари. Еднаш дури учествуваше, како пејач, во една снимка на групата „Секс Пистолс“.
Во своето „комуницирање“ со Британија тој порачуваше дека никогаш не се покајал за криминалот извршен во летото 1963 година. „Не жалам за тоа што бев дел од групата што го изврши грабежот, затоа што тоа ми овозможи да имам малечко место во историјата“, ќе изјави во една прилика во Рио де Жанеиро Бигс за лондонски „Сан“”. Таму меѓутоа, на неколкупати се најде на работ да биде вратен во затвор во Британија. Еднаш кога се најде на една пијанка на брод на британската воена морнарица закотвен во Рио, вторпат кога го киднапираа група поранешни британски војници и за кусо го префрлија на Барбадос, што е британска територија, додека трет пат кога Скотланд Јард мислеше дека најде „дупка“ во бразилскииот закон. Бигс се извлече како да е маѓепсникот Худини, успевајќи да докаже дека е татко на бразилско дете, од врската со една Бразилка, па така дефинитивно се мислеше дека ќе остане во Бразил, недопрен од полицијата и правдата.
Тој и таков шармантен мангуп, сега повеќе не постои. Наместо терање мајтап со Скотланд Јард, Бигс сега моли за милост, што тешко допира и до јавноста која некогаш со задоволство ги читаше веселите и забавни приказни за „бегалецот на столетието“, притоа целосно заборавајќи на една од жртвите во грабежот, машиновозачот на возот, кој откако од некого во бандата беше удрен по главата со железна шипка, никогаш не успеа да се опорави и почина дома, заборавен од јавноста. Едноставно, весниците и телевизиите се интересираа само за „ѕвездата“ Бигс, кој умеше да ги развеселува Британците и од таа огромна одалеченост, носејќи им притоа тираж и гледаност, што ќе рече профит, на медиумите. На тој „детал“ се сеќаваат некои весници деновиве, кога Британија одново се занимава со Рони Бигс, иако не сите и го одобруваат решението на министерот за правда. Некои лабуристички пратеници го обвинија Стро за „нехуманост“ и за бесцелноста на казната во условите во кои се наоѓа затвореникот, барајќи дури и дебата во Парламентот. За нив како аргумент стои признанието на Бигс во молбата за помилување, дека и во Бразил, иако на слобода, годините ги поминал чувствувајќи се како да е во затвор. |