Донација од 30.000 евра за деца со аутизам
ШТИП - Триесет илјади евра вчера донираше хуманитарната фондација „Галилеј балканс“, за изградба и за опремување на училница, која ќе ја користат деца со аутизам. Училницата се гради во комплексот на ОУ „Ванчо Прќе“ во централното градско подрачје.
„Овој проект го реализираме во соработка со две хуманитарни организации од Северна Ирска, ’Лифт‘ и ’Мет‘, со кои фондацијата ’Галилеј балканс‘ соработува десетина години“, вели Симон Поликарп-Џими, претседател на фондацијата, чие седиште е во Штип.
Оваа хуманитарна фондација досега инвестирала над 200.000 евра во разни хуманитарни проекти, главно, од значење за најмладата популација.
„Во Неготино дониравме сто илјади евра во изградба на дневен центар за децата, во штипското село Селце вложивме во реновирањето на училиштето и во изградбата на спортски терени“, потенцира Симон Поликарп. (И.Б.) |