Тетово плива во отпад
Ѓубрето не се носи во скопска „Дрисла“ затоа што тоа е прескапо за комуналците
Гојко Ефтоски Киро Кипроски
ТЕТОВО, ГОСТИВАР - Жителите на Тетово пливаат во отпад. Над 10.000 тони смет во должина од еден километар се собрани речиси во самиот центар на Тетово. По нови сто тони отпад се истураат во ова буниште. Ниту новите ниту старите количини смет не се носат во скопска „Дрисла“ затоа што преносот е прескап за тетовското комунално претпријатие. Локалните власти не успеаја да најдат друга локација на која би се транспортирал отпадот што го создава Тетово.
Гостивар не попушта за регионалната депонија „Русино“ на која уште во мај е ставена рампа. Градоначалникот Руфи Османи инсистира прво да се отстранат техничките недостатоци на објектот и заинтересираните општини да инвестираат, па дури потоа да се употребува. Додека не се реши проблемот на вистинскиот начин и додека не се испочитуваат стандардите за депонирање во „Русино“ и отпадот од Гостивар се носи на друго место, во месноста Сушински Мост, на околу шест километри од градот.
Ваквата непроменета ситуација во Тетово и во Гостивар, со ниту еден знак оптимизам дека нешто тргнало на подобро, само потврдува дека пропаднаа обидите на министерот за екологија, Неџати Јакупи, да ги натера градоначалниците Сади Беџети и Руфи Османи на соработка. Сосема е јасно дека овој комунален проблем не е едноставен, не може да се реши на локално ниво и затоа бара брза акција од централната власт.
Дневно на дивата депонија во Тетово се акумулираат по над 100 тони ѓубре. Овде отпадот се носи од 22 мај годинава, а не се изнесува. Количините постојано се зголемуваат и сега надминуваат 10.000 тони. Овој податок е доволен аргумент за аларм особено и поради фактот што депонијата се наоѓа во градот, кај железничката станица, во непосредна близина на семејни куќи во населбата „Борис Кидрич“. Планините комунален смет се протегаат во должина од најмалку еден километар.
Од Јавното комунално претпријатие сметаат дека најавата на министерот за екологија, Неџати Јакупи, оти набргу ќе се расчисти сметот и ќе се пренесе во депонијата Дрисла во Скопје во овој момент е преоптимистичка. ЈКП „Тетово“ нема ниту капацитет ниту транспортна можност бргу да се справи со комуналниот смет, особено што од најавите за пренос во Скопје засега нема ништо, бидејќи тоа е неисплатлива работа. До „Русино“ има 35 км, а до „Дрисла“ 75 км. Двојно поголеми биле и трошоците за патарина. Возилата кон Дрисла треба да минуваат низ улиците во средишниот дел на Скопје што ќе го забави времетраењето на преносот на ѓубрето. За еден тон отпад во „Дрисла“ се наплатуваат 714 денари, а во „Русино“ не се наплатува, бидејќи депонијата е заедничка сопственост.
Сите општини што претендираат да ја користат гостиварската депонија „Русино“ ќе мора да вложат одредени средства за создавање на потребните технички, еколошки и други услови, е ставот на Општина Гостивар. „Се' додека не се исполнат условите предвидени со техничката документација, депонијата ќе биде затворена и нема да се користи“, категоричен е Руфи Османи, градоначалник на Гостивар.
„Општина Гостивар е подготвена активно да се вклучи во разрешување на проблемот со депонијата ‘Русино‘. Но, нема да прифатиме депонијата да стане хуманитарна катастрофа за граѓаните“, нагласува Османи. Тој ги поканува сите заинтересирани страни да склучат договор и заеднички да ги реализираат дополнителните инвестиции за што постои проект. „Потоа ќе дискутираме за користење на депонијата“.
Османи, исто така, очекува да се одржи седница на Регионалното биро со присуство на градоначалниците од сите девет полошки општини кои ја користеа депонијата „Русино“ на која единствена тема ќе биде како да се реши проблемот со отпадот. |