Бродот „Илинден“ се' уште на дното на Охридско Езеро
ОХРИД - Поради доцнење на опремата што требаше хрватската фирма „Дубина“ од Сплит да ја донесе вчера, потонатиот брод „Илинден“ од водите на Охридското Езеро ќе се извлекува денеска или во текот на викендот.
Истражниот судија од Основниот суд во Охрид, Весна Кичеец, го побарала планот за извлекување на бродот и потребните постапки пловилото да се извлече на суво без да се оштети, да се прегледа и да се утврдат реалните причини за бродската несреќа. Таа нема да го утврди точното време на извлекувањето додека не се исполнат сите услови што се потребни за истрагата.
Последните информации говорат дека бродот ќе се извлекува на површина со помош на појаси, околу кои ќе бидат поставени балони со хелиум. Потоа со помош на други пловила треба да биде однесен на место, кое ќе овозможи непречена истрага. Засега локацијата се' уште не е определена и ќе зависи од процената на истражниот судија, кој ќе го има предвид и мислењето на мешовитата комисија составена од девет експерти, по тројца од Македонија, Бугарија и од Хрватска. (С.И.) |