Ренова ќе го дочека Динамо (М) во карантин
Влатко Костов
За реваншот од Лига Европа во тимот ќе биде вклучен и Гаши, Степановски и Јанчевски отпаднаа
Сашко Ѓ. Димовски
Голот постигнат во гости, домашниот терен, поддршката од трибините и желбите и мотивите на фудбалерите треба да го трасираат патот на екипата на Ренова кон второто елиминациско коло во Лига Европа на УЕФА и двомеч со Тромзо во реванш натпреварот со Динамо Минск. Во прилог на тетовци им оди и фактот што Динамо (М) важи за состав кој игра послабо во гости отколку дома. Тоа го покажуваат досегашните резултати во оваа натпреварувачка сезона во белоруското првенство. Мечот ќе се одигра утре на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје со почеток во 17 часот. Правдата ќе ја дели судиската тројка од Грузија на чело со Лаша Силагава на кого ќе му асистираат Зураб Јваридзе и Заза Пипиа. Пред седум дена во Минск победи Динамо со 2:1 со пресврт во второто полувреме.
Прволигашот од Џепчиште не беше комплетен во белоруската престолнина, нема да биде комплетен и сега. За реваншот за разлика од првиот меч во тимот на Влатко Костов ќе биде Фисник Гаши, но надвор од стројот и натаму остануваат дефанзивецот Менде Степановски и напаѓачот Бобан Јанчевски. Обајцата не тренираат веќе една седмица и дефинитивно нема да бидат во комбинација за решавачките 90 минути со Динамо Минск. На два дена пред заминување за Белорусија, Степановски се пожали на болки во бубрезите и прима инфузија, Јанчевски, пак, има здебелување на тетивата на ногата, повреда за која лекарите налагаат строго мирување. Но, и без нив во тимот владее оптимизам во таборот на Ренова.
„Ако можевме во Минск да играме добро, борбено, ангажирано, дисциплинирано, да создаваме шанси, да постигнеме гол, зошто тоа да не го сториме и во Скопје. Играме на домашен терен, пре�� наши навивачи. Имаме силна желба да ја повториме играта од првиот меч, да го добиеме реваншот и да продолжиме натаму во ова натпреварување“, ни изјави тренерот на Ренова, Влатко Костов.
Ренова до вчера тренираше во Тетово. Денеска напладне се очекува да пристигне во Скопје, да го одржи единствениот тренинг во време на одигрување на мечот (17 часот) на Националната арена „Филип Втори“ и да се повлече во карантин. И белорускиот претставник се очекува денеска во нашиот главен град, а ќе тренира на нашиот најголем фудбалски стадион во 18 часот. |