Стефановски сака со подиум да се прости од Охридски маратон
Листата на досега пријавените 23 пливачи е со послаб квалитет поради совпаѓањето со СП во Рим
Роберт Димитриевски
Еден од најуспешните македонски пливачи на долги патеки Томи Стефановски не бега од улогата на фаворит од сенка на претстојниот 23. Охридски маратон што ќе се одржи на 18 јули. Со оглед на послабиот квалитет на досега пријавените 23 учесници поради совпаѓањето со Светското првенство во Рим, 38-годишниот Стефановски посакува во својата 11. и последна трка во Охрид да го повтори најголемиот успех од 2001, кога го освои третото место.
„Со езерото ме врзуваат убави спомени и токму затоа посакувам моето збогување со маратонот да биде со пласман на подиумот. Свесен сум дека тоа ќе биде исклучително тешко, бидејќи меѓу конкурентите ќе бидат и тројцата најдобри во вкупниот поредок сезонава, затоа и напорно тренирам по два пати дневно. Во многу подобра форма сум отколку неодамна во Капри, а ме храбри и тоа што лани завршив четврти, и тоа само една секунда зад победникот“, вели Томи, кому Охрид му е попатна станица кон остварувањето на животната желба - да го преплива каналот Ла Манш. Тоа треба да се случи меѓу 13 и 18 август, а дотогаш најдобриот македонски маратонец ќе учествува и на трките во Канада на езерата Сен Жан на 25 јули и Магог на 1 август.
„Четири долги трки за нешто повеќе од еден месец би требало да бидат доволни за тоа што ме очекува во средината на август. Трите маратона што следуваат носат и доста бодови, а со тоа и можност за значително подобрување на ранкингот“, додава Стефановски, кој го дели 16. место со девет бода од четирите трки на кои настапи.
Покрај него, од домашните пливачи на патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до пристаништето во Охрид, долга 30 км, среќата ќе си ја пробаат Евгениј Поп Ацев, кој деновиве настапува на Универзијадата во Белград, потоа Илија Стојановски, Игор Димовски, Никола Кутановски и Марјан Мирчевски. Македонија ќе нема претставник во женска конкуренција.
Бугаринот Петар Стојчев, кој во Охрид триумфира во 2001, 2002, 2003, 2004, 2006, 2007 и во 2008, е прв фаворит и годинава. Лидерот во генералниот пласман со 44 бода ќе има силна конкуренција во Аргентинците Габриел Вилјагоиз, кој е втор со 38 бода, и Дамјан Блаум, кој е трет со 36.
Кај дамите се издвојуваат третопласираната севкупно Камила Фредијани од Италија и Маријанела Мендоза од Аргентина, која е петта. Штефани Билер од Германија нема да го брани трофејот од лани.
Во тек се последните подготовки за најголемата тардиционална спортска манифестација во државава, која по петте трки во 1960-тите е возобновена во 1992 година, а од 1998 е дел од Гран-при серијата на ФИНА. Генерален покровител на годинашниот маратон е претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој треба да го обезбеди наградниот фонд од 25.000 долари, од кои по 3.000 за најдобрите во двете конкуренции и уште 3.000 за севкупниот победник. Сместувањето на учесниците ќе биде во хотелот „Гранит“, а нивното пристигнување се очекува два дена пред трката.
„Се надеваме дека до почетокот на маратонот ќе ги завршиме сите подготвителни активности. На состанокот пред десетина дена со Кабинетот на претседателот беше договорено тој и годинава да биде генерален покровител, а во меѓувреме е платена и котизацијата кон ФИНА. Со тоа се отстранети и последните формални пречки што го доведуваа во прашање одржувањето на трката“, ни изјави членот на Организацискиот одбор, Никола Маленко.
Стартот на трката на 18 јули ќе биде во 12 ч. и треба да го означи охридскиот градоначалник Александар Петрески. Технички делегат на ФИНА ќе биде Бахтијар Очалдиран од Турција.
Меѓу учесниците 15 мажи и 8 жени
Неофицијални учесници во машка конкуренција: 1. Петар Стојчев (Бугарија), 2. Евгениј Поп Ацев (Македонија), 3. Илија Стојановски (Македонија), 4. Томи Стефановски (Македонија), 5. Дамјан Блаум (Аргентина), 6. Цветан Јорданов (Бугарија), 7. Жан Хедел (Франција), 8. Родолфо Валенти (Италија), 9. Габриел Вилјагоиз (Аргентина), 10. Игор Димовски (Македонија), 11. Марјан Мирчевски (Македонија), 12. Никола Кутановски (Македонија), 13. Матија Алберико (Италија), 14. Џани Фонтанези (Италија) и 15. Едоардо Стокино (Италија).
Жени: 1. Ивана Шитиќ (Хрватска), 2. Грит Сигсгорд (Данска), 3. Маријанела Мендоза (Аргентина), 4. Тијана Каличанин (Србија), 5. Лаура Волпи (Италија), 6. Камила Фредијани (Италија), 7. Ноелија Пети (Аргентина) и 8. Паула Хелио (Аргентина). |