ПОСЛЕДЕН ЗБОР
Љупчо Неделковски
1956-2009, претседател на КБФМ
Долгогодишниот спортски работник и еден од пионерите на кикбоксот во Македонија, Љупчо Неделковски, повеќе не е меѓу нас. Смртта го затекна како претседател на Кикбоксинг федерацијата на Македонија и на клубот Скопје. Со неговото име се врзуваат повеќе од 300 медали на кикбоксерите од разни меѓународни натпреварувања, а тој е најзаслужен и за организацијата на Европското првенство пред две години во Скопје. Најмногу благодарение на тоа што Неделковски беше член на Бордот на Светската аматерска кикбокиснг организација (ВАКО), Македонија в година ќе биде домаќин и на мундијал во еден од своите најтрофејни спортови.
Љупчо Неделковски во 1969 година почна да тренира карате и во периодот од 1973 до 1981 година беше првак на Македонија, а стана и вицешампион на тогашна СФР Југославија. Со кикбоксот се „зарази“ во 1987, кога стана шеф на инструкторите во Македонија. Во 1995 година ја формира КБФМ и најмногу поради него таа во 1999 беше прогласена од ВАКО за најактивна федерација од сите нејзини членки.
Неделковски беше носител на мајсторски појас 6. дан. Добитник е на многубројни признанија како тренер и селектор на македонската репрезентација. (Р.Д.)
|