Металург поразени од Севехоф
Ракометарките на Металург загубија и од Севехоф со 28:23 и завршија на последното место во третата квалификациска група за Лигата на шампионите во Скопје. Токму Швеѓанките се изборија за настап во групата А од главната фаза, во која ги чекаат Виборг, Динамо Волгоград и Будуќност, а Металург, Бјосен и Клуж продолжуваат во Купот на ЕХФ. Ждрепката за третото коло е на 27 октомври, а натпреварите ќе се одиграат на 13/14 ноември и една седмица подоцна. Преку квалификациите до групите од ЛШ стигнаа и Рандерс, Звезда Звенигород и Корвекс.
За разлика од дуелите со романски Клуж (24:29) и со норвешки Бјосен (20:26), македонскиот првак барем во првото полувреме се носеше со Севехоф, добивајќи го со 12:11. За тоа е заслужен пресвртот во завршницата од првиот дел, кој беше дело на Мирјета Бајрамовска и на Тања Андреева. Бајрамовска во тој дел од средбата постигна осум од своите десет гола на натпреварот, а голманката Андреева запиша осум одбрани, вклучувајќи еден седмерец, за мечот да го заврши со вкупно 17 одбранети удари. (Р.Д.) |