Бербатов го избербати Ливерпул
Бугаринот Димитар Бербатов за кого Алекс Фергусон по мечот со Глазгов Ренџерс од Лигата на шампионите (0:0) кажа „требаше да го ставам во игра, тој ќе направеше разлика“, во големото дерби со Ливерпул токму тоа го направи. Ги постигна сите три гола во победата од 3:2, а вториот беше ремек дело. Нани му додаде, а тој ја крена топката на ножички и со помош на пречката ја прати во голот на Рејна.
„Беше атрактивно, но на голгетерите сите погодоци им се драги. Кога паднав на тревата слушнав силен звук од трибината и ми беше јасно што сум направил“.
Тоа беше гол за 2:0, а првиот погодок Бербатов го постигна во 42 минута со глава по додавањето на Гигс од корнер. Задолжен за негово маркирање беше Торес, ама Шпанецот задоцни. Сепак, Ливерпул успеа да се врати со головите на Џерар од пенал во 59 минута и во 69 минута од слободен удар низ живиот ѕид.
Со таквиот епилог не се помири Бербатов. Во 84 минута и ги донесе трите бода на својата екипа и си го зацементира местото меѓу најдобрите 11. Тоа беше шестиот негов гол сезонава.
Манчестер Ј требаше, со оглед на се' што покажа на теренот, да слави и поубедливо, што со зборови го поткрепи и менаџерот Алекс Фергусон. „Кога поведовме со 2:0 мислев дека на крајот ќе имаме резултат од крикет натпревар. Го контролиравме мечот 100 отсто, бевме подобри во се'“, кажа Фергусон, кој ќе побеснеше ако Бербатов не го дадеше последниот гол. Барем така вели Бугаринот: „Да не забиев ќе беше пеколно во соблекувалната. Откако пропуштивме водство од 2:0, знаевме дека ќе не „изриба“. Ова беше волшебен ден за мене. Најдобар меч во дресот на Манчестер Ј? Веројатно. Се надевам дека нема да биде и последен“, вели Бербатов.
Резултати од неделните натпревари во Премиерлигата: Виган - Манчестер Сити 0:2, Челзи - Блекпул 4:0, Манчестер јунајтед - Ливерпул 3:2. Табела: Челзи 15, Арсенал 11, Манчестер Ј 11, Манчестер Сити 8, Тотенхем 8, Њукасл 7, Фулам 7, Астон Вила 7..... |