Меси жртва на крвничкиот старт на Ујфалуши
Повредата на Аргентинецот повторно ја отвори дебатата за заштита на фудбалерите
Барселона на гостувањето кај Атлетико Мадрид заслужено славеше со 2:1, а дефанзивецот на домаќините Ујфалуши се погрижи резултатот и уште едната одлична партија на Каталонците да падне во втор план. Имено, во моментите кога судијата требаше да означи крај на мечот (94 минута!) Ујфалуши му се пушти на Меси, како овој да му убил мајка. Аргентинецот падна на тревата викајќи од силна болка, по што со носилки беш�� изнесен надвор од теренот.
Последните информации велат дека не станува збор за скршеница и дека Меси ќе треба да паузира околу две недели. Тоа значи дека ќе ги пропушти натпреварите со Мајорка и Атлетик Билбао во Примера и мечот од 2. коло во Лигата на шампионите против Рубин Казан. „Игравме одлично и победивме на лош стадион каде што не сме добредојдени. Сите тагуваме за повредата на Меси. Се надеваме дека бргу ќе ни се врати“, изјави по мечот Андрес Иниеста.
Оваа повреда на Меси повторно ја отвори дебатата за тоа како да се заштитат фудбалерите, особено големите како Меси, Роналдо...
„Постојано се зборува дека треба да се заштити одреден фудбалер, јас мислам дека треба да се најде начин за заштита на сите“, изјави капитенот на Барса, Карлес Пујол. Според, Жерар Пике, стрелецот на победничкиот погодок за Барселона „некои лоши работи си поминуваат во фудбалот, а некој се прави дека не ги гледа“.
Фудбалот, барем засега, е еден од најкозервативните спортови. Челниците на ФИФА и на УЕФА тешко се одлучуваат за промени. Уште од тешката повреда на хрватскиот репрезентативец Едуардо (тогаш играше за Арсенал, сега за Шахтјор) почнаа да се размавнуваат стручњаците со низа предлози кои се однесуваат на промени на правилата на играта, со цел таа да биде подинамична (да нема офсајд, да се игра со девет во поле) и пофер (соколово око), но и со предлози како да се смират страстите кај оние кај што топката може да пројде ама човекот не. Меѓу нив беше и оној фудбалерот кој ќе добие жолт картон да биде казнет со 10 минути одмор, за црвен (без разлика каде е направен стартот) да се изведува пенал. Некои, пак, новинари кажаа дека тој што крвнички ќе стартува треба да паузира колку и повредениот фудбалер (да си седат заедно во болница). Но, сето тоа веќе подолго време останува само како предлог на масата. Затоа што на хоризонтот нема храбар човек, кој ќе го инсталира фудбалот во течението на модерните процеси.
Резултати од неделните натпревари: Херкулес - Валенсија 1:2, Сантандер - Сарагоса 2:0, Леванте - Вилјареал 1:2, Атлетико М. - Барселона 1:2, Малага - Севилја 1:2. Табела: Валенсија 9, Севилја 7, Реал 7, Атлетико М. 6, Вилјареал 6, Барселона 6.... |