Македонија без илузии на Шаховската олимпијада
Роберт Димитриевски
Со скромни амбиции, кои се сведуваат на одбрана на сопствениот рејтинг, двете македонски селекции денеска ќе стартуваат на 39. Шаховска олимпијада во рускиот град Ханти Мансијск, која ќе трае до 3 октомври. Од денешна перспектива изгледаат нестварно пласманите во „топ десет“ на мажите на две олимпијади едноподруго, односно делбата на седмото место во Истанбул 2000 и поделбата на осмата позиција две години подоцна на Блед. Уште подалечни се чинат медалите во поединечна конкуренција, и тоа златото на Драгољуб Јаќимовиќ во Истанбул, среброто на Владимир Георгиев во Калвија 2004 и бронзата на Трајко Недев во Елиста 1998. (Не)активноста на најдобрите македонски шахисти е главниот проблем што го посочи и селекторот Атанас Кизов пред заминувањето за автономната руска област Угра.
Еден од медалоносците, велемајсторот Георгиев (рејтинг 2573), ќе ја предводи машката репрезентација. На втората табла ќе игра ВМ Никола Митков (2531), на третата ВМ Недев (2505), на четвртата ВМ Звонко Станојоски (2485), а резерва е интермајсторот Филип Панчевски (2410). Според просечниот рејтинг на тимот од 2524 поени, Македонија е 46. на стартната табела меѓу 159 машки селекции.
ЖИМ Габриела Коскоска (2142) е стандардно прва виолина на женската репрезентација, во која се уште и Катерина Јоноска (2012), Моника Стојковска (1928), Бојана Бејатовиќ (1891) и Драгана Николовска (1752). По отсуството од претходната Олимпијада во Дрезден 2008, составот селектиран од Ристе Менкиноски се враќа како 61. во конкуренција на 118 женски селекции пред почетокот.
Ерменците ги бранат титулите од двете последни олимпијади, но според просечниот рејтинг 2698 се шесторангирани. Прв фаворит и овој пат е Русија (2749), пред Украина (2737) и Кина (2703).
Русија е топ-фаворит и на женскиот дел од турнирот, пред Кина и Украина. Златниот медал го брани Грузија, која е четврторангирана.
На најголемиот шаховски настан годинава ќе учествуваат околу 1380 натпреварувачи, од кои 772 со титули, а од нив 247 велемајстори и 63 женски велемајстори. Во Ханти Мансијск ќе настапат 35 од 37 шахисти со рејтинг над 2700.
Предвидени се 11 кола, со слободен ден само пред последното. Ќе се игра по Швајцарски систем, со класично темпо, при што за победа се добиваат два бода, за реми еден, а следен критериум за пласманот се вкупниот број освоени поени по табли.
За време на Олимпијадата ќе се одржи и 81. Конгрес на ФИДЕ, на кој главна точка е изборот на претседател. Шаховската федерација на Македонија, преку својот делегат Никола Митков, ќе гласа за Анатолиј Карпов, а другиот кандидат е актуелниот претседател Кирсан Илјумжинов. |