Од вишок глава не боли, сугерира една народна мудрост, но веќе е неприменлива за македонскиот етер, посебно кога станува збор за директните телевизиски преноси од фудбалските натпревари. Дојде ли викенд, практично, ништо друго и нема на ТВ освен дуели од националните првенства во најважната споредна работа на светот.
Сител почна со пренесување на англиската Премиер-лига, која речиси една и пол деценија одеше на А1, која, пак, сезонава се задоволи со покривање на Првата македонска фудбалска лига. Алсат М со коментар на албански и Алфа на македонски се „одговорни“ за шпанската Примера дивисион, а Телма и понатаму го држи монополот врз италијанската Серија А. Ако се има предвид дека секој од наведените радиодифузери во просек пренесува по два меча дневно од секое коло, кое стана мода да се растегнува од сабота до понеделник, станува појасно за каква набиеност на термините се работи. Уште кога на сето ова ќе се додадат преносите од Лигата на шампионите и од новоформираната Лига Европа на местото на Купот на УЕФА, две натпреварувања што се играат од вторник до четврток, ситуацијата добива контури на проблем. Џенем да фатиш ако не си вљубеник во фудбалот.
Последиците од ваквата појава во Македонија први ги почувствува институцијата брак. До неодамна Македонците беа на високото трето место во светот по стабилноста на брачните заедници, за годинава бројот на разводи драматично да се зголеми. Државниот завод за статистика утврди дека во вториот квартал од 2009 година се растуриле дури 29 проценти бракови повеќе во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, опаѓа и бројот на венчавки, па, за илустрација, во 2005 година се склучиле толку бракови колку и пред 35 години, кога вкупното население во земјава било значително помало од тоа денес.
Секако дека е претерување да се стави во корелација фреквенцијата на ТВ-преносите со таа на разводите/венчавките, но кој може да го собори аргументот дека расте бројот на очајни домаќинки по македонските градови и села благодарение на фудбалот? Ништо од репризите на нивните омилени сериски филмови, кои обично се емитуваат за време на викендите, кога главата на семејството ќе фати пусија пред телевизорот и ќе го грабне далечинското в рака. Нема шанса ни да се појде некаде на гости, бидејќи постојано има некое дерби. Да се изведат сопругата и децата некаде на ручек или на вечера в сабота и в недела, пак, не станува ни збор.
Единствени што профитираат од ваквата нездрава домашна клима се „шв��лер(к)ите“. Тие не само што немаат против згуснатата понуда на фудбалски средби на телевизија, туку и би платиле да ги има уште повеќе. Чувај боже.