Магазин
Музиката не ја доживувам жанровски
Андријана Јаневска вели дека е отворена личност и дека така ја третира музиката
Светлана Петковска
Андријана Јаневска е една од талентираните женски вокали на нашата естрада. Како пејачка е активна десет години. Паралелно со тоа, работи како професионален виолинист во Македонската опера и балет и' е активен член на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“. Вели дека духовната музика ја прави потолерантна, особина која му недостига на секој солист и дека не може да се идентификува само со една сфера, бидејќи сите ги сака еднакво, а така се чувствува комплетно.
На фестивалот „Охридско лето“ со продуцентот и музичар Димитар Димовски го промовираше продолжението на албумот „Македонски рози - приказна за едно моме“. Тематиката е во етностил. Дали тоа значи дека се префрлате од забавна на етномузика?
- Никогаш не ја доживувам музиката жанровски. Тоа е исто како да кажете дека ви се допаѓаат само црно-бели фотографии, а останатите не вредат. Бидејќи сум отворена личност, така и ја третирам. На работа свирам класика, пеам поп, а слушам џез, дома - рок, кога сум излезена, се забавувам со реге. Па, така етното е уште еден од многуте начини преку кој се изразувам.
Што мислиш како реагираше публиката на „Приказна за едно моме“? Ќе има ли продолжение?
- Се' уште не поминало доволно време за да можам да дадам своја оцена. Концертот беше пред две недели, на кој се промовираше новиот албум, така што се' уште е рано да се суди. Според реакцијата на публиката во Антички театар и судејќи според тоа што не' вратија на два биса, можам да претпоставам дека албумот многу им се допадна. Бидејќи „Македонски рози“ беше замислен како своевидна трилогија, несомнено е дека ќе има и продолжение.
Дали сметаш дека доволно ја негуваме традиционалната изворна музика? Дали твојата идеја да изведуваш токму ваква музика беше да придонесеш за неа?
- Мислам дека идејата да заживее фолклорот помеѓу денешната младина е одлична и поради тоа ги поддржувам сите мои колеги кои во изминатиот период се осврнаа кон преработки на традиционалните македонски песни. Но, тоа е меч со две сечила, затоа што линијата на сквернавење е тенка како пајажина, па треба да се биде внимателен како се одработува делото. Најважно е неговата автентичност да остане непроменета, а мајсторијата е токму во тоа - да остане автентично, а во исто време да биде модерно и оригинално.
Веќе подолг период свириш виолина. Дали си размислувала да градиш кариера како виолинис�� и целосно да се посветиш на тоа?
- Се разбира, затоа што виолина свирам 20 години, а пеам само десет години, па оттаму може да се заклучи дека пред мојата пејачка кариера имав сериозни намери да се фокусирам само на свирењето. Премногу сум среќна што мојот труд и долгогодишно секојдневно вежбање на инструментот не ми беа залудни, затоа што сега сум вработена како професионален музичар во професионален оркестар. Се пронајдов себеси во оперското свирење и уживам во секоја следна претстава.
Си имала дуети со повеќе наши изведувачи, како што се Марјан Стојановски, Пеце Огненов, Благој Нацевски, Ева Нединковска. Дали дуетите ги правиш по потреба или затоа што сакаш да соработуваш со колегите?
- Ништо досега во мојата кариера не сум направила по потреба, затоа што, едноставно, немам менаџерски манири, ниту, пак, таков дух и темперамент. Ја сакам музиката поради самата музика и - тоа е доволно. Дуетите се појавија тогаш кога им беше времето, како и сите мои други песни.
Со што ќе продолжиш понатаму - со изведување твои композиции или ќе се насочиш кон обработки на веќе докажани композитори?
- Би сакала во следниот период да пеам повеќе свои песни, така се чувствувам сега. Моментално подготвувам интересна тема која ќе има необичен аранжман. За да не го расипеме изненадувањето, ќе кажам само дека станува збор за валцер во изведба на клавирско трио, а текстот ќе биде чиста поезија.
|