За распаѓање на женските бендови најголем виновник е љубомората
Александар Митевски
Моментно еден од најголемите женски бендови што има доминација во светот на популарната музика – „Пусикет долс“ е во фокусот на вниманието поради најновите превирања во бендот. Можноста за нивно растурање (која ја обелоденија повеќе светски медиуми) се базира најмногу врз главната икона на бендот Никол Шлезингер и љубомората која таа ја предизвикува врз останатите девојки со својата доминација во медиумите, а капак на се' е нејзината врска со познатиот возач на Формула 1 Хамилтон. Според сите наводи, девојките буквално се разочарани. Од групна забава и здружени сили, се претворил во приватна забава на Никол. Инаку, во што се крие успехот на овој познат женски бенд? Како и секогаш, кај нив круцијална улога одигра фактот што сите шест одлично пеат и танцуваат, беа одлично маркетиншки водени од искусни холивудски работници кои знаеја токму како од едни обични девојки-забавувачки во Лас Вегас да направи милионски продукт што ќе биде вистинска фабрика за пари. Оттаму се надоврзаа и милион други медиумски, модни и какви се уште не додатоци што ја зголемија популарноста на девојките, а најпоследна беше и идејата за нивно телевизиско реално шоу. Нивниот најголем хит е Don't Cha, песната која дрско и отворено имплицира дека девојките од „Пусикет долс“ се многу позгодни и посекси, еден предизвикувачки текст што заинтригира многу момчиња, но и девојчиња од светот за да го прифатат тој тренд и нивната појава и музика.
Ако правиме паралела, ќе дојдеме и до девојките од „Спајс грлс“, кои беа извонредно популарни во своето време, иако направија уште еден обид за повторно собирање. Тие буквално беа женски феномен на 90-тите години, одлична мешавина, пет различни персоналитети и појави кои ја изместија британската музика во тој период, а не остана имун ниту светот. Тие сега се на светска турнеја по нивното повторно групирање, првпат откако во 1998 година Гери Халивел ја напушти групата за да прави соло-кариера. Клучот на нивниот успех беше нивното собирање под знамето на женската доминација или популарната максима Girl Power, филозофија со малку феминистички тонови, гласна и агресивна дружина која газеше се' пред себе и беше вистинска противтежа на англиската анемичност и студенило. Ретко која од нив можеше да се оддели како фронтмен на групата и девојка која доминира иако по распаѓањето на бендот, сепак, водечката улога во медиумите во светот ја имаше убавата Викторија Бекам. Нивен најголе�� и најударен хит, секако, беше Wannabe.
Ако се вратиме уште поназад во времето, мора да ги споменеме и девојките познати како „Поинтер систерс“, кои доминираа во 70-тите и 80-тите години, а беа вистински сестри. Ако некоја од нив мора да се издвои, сепак, тоа би била Ајса Поинтер. Тие останаа запаметени по своите големи хитови. Се возеа на бранот на диско-музиката, а нивниот хит од 80-тите Neutron Dance му помогна на Еди Марфи и на неговиот филмски хит „Полицаецот од Беверли Хилс“ да стане класика. Во сегашноста, Рут и Анита Поинтер, заедно со ќерката на Рут, Ајса, се' уште одат на турнеја низ светот под името „Поинтер систерс“, додека Џун Поинтер, за жал, почина во 2006 година. Оставија многу хитови, како што се Slow Hand и 'I'm So Excited.
Од тие времиња, а и порано, мора да ги издвоиме и девојките познати под името „Д’супримс“, кои иако не беа прва женска група во 1961 година, сепак, успеаја да се наметнат како женски икони на моќниот Моутаун во 60-тите години. Тие беа главната инспирација за филмскиот холивудски хит „Дрим грлс“. Секако, главната дива на оваа група е неповторливата Дајана Рос. Инаку, бендот е активен иако имаше многу модификации и промени на членовите. Дајана Рос почна соло-кариера во раните осумдесетти и до ден-денес претставува инспирација за многу млади музичари. Мери Вилсон беше последна која го држеше митот за таканаречените екссјупримс. Тие ќе останат запаметени по хитовите Baby Love и You Can't Hurry Love.
Од поново време, „Ол сеинтс“ се формира во почетокот на 2000 година и се реформира повторно во 2006. Нивната прикаска започна со инспирирање од она што го правеа TLC, а ги доведе до голем успех на британската сцена. Главна алка во групата беа сестрите Ејплтон, кои издржаа многу подеми и падови во текот на кариерата и беа изложени на многу подметнувања и несогласувања со останатите членки. Нивен најголем хит е песната Never Ever по која и ќе ги паметиме, а потоа издадоа и добра преработка на хитот Under the Bridge од „Ред хот чили пеперс“.
Тука некаде во приказната се и девојките од „Дестинис чајлд“, кои беа ултра-популарни. На нив им помогнаа хитовите како што се Bills, Bills, Bills и песните кои ги одбележаа филмските хитови „Луѓе во црно“ и „Чарлиевите ангели“. Главната дива која денес жари и пали на светската сцена е црномурната убавица Бијонси, која има голема харизма поткрепена со извонредни гласовни квалитети, танцувачки способности. За нејзината сегашна популарност не треба многу да зборуваме, додека другата девојка Кели, исто така, коректно се дружи со музиката. Мишел снима и продава госпел-албуми и имаше добра презентација на Бродвеј.
Со оваа мала прошетка низ женските бендови, секако, мора да ги споменеме и Сара Делин и Керин Вудворд, кои се' уште издаваат албуми под етикетата на „Бананарама“. Керин е мажена за Ендрју Ригли, човекот од „Вем“, кој докажа дека „Вем“ не е тотално геј-бенд. „Бананарама“ стартуваше во 1981 година како предгрупа на Иги Поп и „Џем“ за во 80-тите бабл-гам волшебниците Сток, Ејкен и Вотерман да направат од нив вистинска сензација. Може да им се честита на Сара и на Керин кои успеаја низ годините да го зачуваат пријателството и соработката и сега дејствуваат како дуо. Третата девојка сакаше да си ја испроба среќата надвор од „Бананарама“ и ги основаше „Шекспир систерс“ и се омажи со Дејв Стјуард од „Јуритмикс“. Нивен најголем хит е Venus, кој иако беше кавер, сепак, во нивна верзија беше огромен хит, а ги имаа и I Want You Back, Love In The First Degree и Cruel Summer.