Џирона во аут ако за 15 дена не пронајде нов спонзор
Една од најдобрите шпански кошаркарски екип, Џирона, се соочува со преселба во најнизок ранг на натпревари во Шпанија. Управата на овој тим го загуби правото за учество во следната натпреварувачка сезона, откако не успеа да обезбеди 6,5 милиони евра со кои требаше да се покријат клупските долгови.
Џирона во 2007 година го освои Фиба купот и неколку години наназад беше тврд орев за составите на Реал, Барселона, Хувентуд, Уникаха и Тау Керамика. Сепак, пред два дена челниците на оваа екипа ја соопштија најтешката одлука, која вели дека оваа екипа мора да ја напушта АЦБ лигата. Тажната судбина на клубот, ги подели и чувствата кај навивачите, кои пак не можат да поверуваат дека каталонскиот клуб по 20 години поминати во најквалитетната лига, сега едноставно речено не може да пронајде нов спонзор.
„Не можеме да ги обезбедиме неопходните средства, кои ни се потребни за нормално функционирање и натпреварување на клубот“, истакна доминантниот сопственик на оваа екипа, Хозе Амат.
Сепак, за Амат надежта последна умира. „Ако во рок од 15 дена успееме да пронајдеме спонзор, сигурен сум дека раководството на АЦБ лигата ќе не прими назад“, заврши претседателот на Џирона. Како главна причина за банкротот на тимот, шпанските медиуми го наведуваат се помалиот интерес на фирмите во Џирона да вложуваат пари во кошарката односно спортот.
|