Пораз на Јанковиќ, ништо од челното место на ВТА- листата
Српската тенисерка Јелена Јанковиќ е поразена во полуфиналето на тенискиот турнир кој се одржува во Лос Анѓелес, и на тој начин не успеа да го преземе челното место на ВТА ранг-листата на најдобри тенисерки на светот. Подобра од Јанковиќ беше Динара Сафина која славеше со 7:6 и 6:1. По овој пораз Јанковиќ остана на втората позиција на ВТА листата, веднаш зад нејзината сонародничка Ана Ивановиќ.
„Моето време допрва доаѓа. Не се чувствувам како да пристигна крајот на светот, затоа што загубив во полуфиналето и не се искачив на првото место на ВТА листата. Мислам дека беше навистина многу возбудливо да се настапи на овој турнир кој за мене лично претставува уште едно големо искуство“, изјави Јанковиќ веднаш по елиминацијата во Лос Анѓелес.
Клучен во нејзиниот пораз беше првиот сет, по што Јанковиќ почна да игра поагресивно и лесно ги губеше поените. Очигледно дека српската тенисерка не можеше да го издржи силниот ритам кој го наметна противничката, со оглед на фактот дека по рехабилитацијата на коленото таа немаше доволно време да се врати во старата форма. Впрочем, оваа констатација, Јанковиќ ја призна веднаш по поразот и елиминацијата од четвртата носителка на турнирот. „Не можев повеќе. Едноставно речено моите нозе не издржаа. Сеуште сум далеку од посакуваната форма“, изјави Јелена Јанковиќ.
На спротивната страна пак, тренерот на русинката изјави дека неговата ученичка против српската тенисерка го одигра најдобриот меч во кариерата. Во финалето Сафина се сретна со италијанката Флави Пенет (21. на ВТА листата) која во исцрпувачкото полуфинале по два часа и 40 минути, успеа да ја победи американката бетани матек со 3:6, 6:2 и 7:5. Наградниот фонд на турнирот во Лос Анѓелес изнесува 600 илјади долари. |