Бразил не' испрати во Гевгелија да разигруваме од 13. до 20. место
Во клучниот меч во групата Ц на јуниорското СП нашата женска репрезентација загуби од „кариоките“ со 27:25
Македонската женска репрезентација ќе разигрува за пласман од 13 до 20 место на јуниорското СП во ракомет што се одржува во нашата земја. Избраничките на селекторот Новко Георгиевски се преселија во Гевгелија на т.н. Претседателски куп во друштво на најслабите селекции по групи од првата фаза на мундијалот каде веќе денеска (21 ч.) ќе се сретнеме со Алжир, последниот пласираниот тим од групата Д во Виница. Таму не' испрати селекцијата на Бразил која не' совлада во решавачкиот меч во групата Ц во Охрид со 27:25 иако по првото полувреме водевме со 13:11, а во еден период од него имавме предност и од четири гола разлика (11:7).
Лошиот настап на Светското првенство по групи го комплетиравме против претставникот на Јужна Америка, Бразил. По очекуваната победа над Австралија, следуваа порази од Јужна Кореја, Хрватска, а неочекувано загубивме и од симпатичниот тим на „кариоките“ и покрај тоа што како домаќини на мундијалот бевме во привилегирана позиција да си ја одбереме групата во која ќе играме. Математиката ни' го покажа патот кон групата Ц која ни' се виде најлесна за остварување на амбициите - трето место и пласман во главната фаза на СП, но пресметките во неа само ја потвдрија онаа старата - есапот дома и на пазар не е ист.
Против Бразилките одигравме две различни полувремиња. Ако за првото нашите девојки може да добијат преодна оценка, тоа во никој слчучај не може да се каже за второто. Повторно направивме премногу грешки, непрецизни додавања, топката едноставно им паѓаше од раце на нашите репрезентативки кои не успеаа да ја искористат ниту вкупната предност од играч повеќе на теренот што ја имаа 10 минути во целиот меч. Со таков однос кон играта и на теренот и еден Бразил е преголема пречка за прескокнување. Македонските јуниорки немаа сили да го задржат темпото на игра од првите 30 минути, свежината, борбеноста и духот како да ги оставија во соблекувална на полувремето, па во вториот дел наидоа на противник кој своите техничко-тактичк мани ги надополни со агресивна игра во одбраната, а тоа на крајот им донесе резултат на Бразилките. Ја искористија апатијата во нашиот состав и сосема заслужено го добија натпреварот. Нам не ни' останува време да трагаме по причините за неуспехот во Охрид затоа што ��реба да се фокусираме на она што не' очекува во Гевгелија. Анализи ќе се прават по првенството, на ред се мечевите во Алжир, Исланд и Казахстан, друштво во кое сме апсолутни фаворити или барем така изгледа на прв поглед. Но, во секој случај тоа е конкуренцијата против која ќе треба да го обелиме образот за катастрофално лошите партии во Охрид.
Бразил - Македонија 27:25
Полувреме: 11:13. Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Гледачи: 3.000. Судии: А. Бирх и Д. Стенранд од Данска. Седмерци: Бразил - 2/4, Македонија - 5/7. Исклучувања: Бразил - 16 минути, Македонија - 6 минути. Технички грешки: Бразил - 20, Македонија 25. Ц. картон: Беба (Македонија).
Бразил: Марсела Оливеира (4 одбрани), Палмеира (6 одбрани), Лопез 2 (2/3), Дуарте 2 (2/2), Роча 2 (2/4), Де Фреитас (0/1), Ваз, Ладеја (0/2), Аленкар 3 (3/5), Теренсе 6 (6/7), Гарсија 5 (5/8), Мајара Оливеира (0/2), Андраде (0/3), Франка 7 (7/11). Селектор: Робсон.
Македонија: Крстевска (12 одбрани, 2 седмерци) , Стојановиќ (3 одбрани), Срњакова, Георгиевска 9 (9/15), Илиовска 1 (1/3), Стојковска 3 (3/5), Штериова 1 (1/2), Когој 3 (3/5), Гроздановска 3 (3/4), Николовска, Анчева, Петковска 4 (4/9), Беба 1 (1/2), Серафимовска. Селектор: Новко Георгиевски.
Резултати од последното 4. коло од прелиминарната фаза на Светското јуниорско ракометно првенство во женска конкуренција што се одржува во Македонија
Група А (сала СРЦ „Кале“ во Скопје): Германија - Унгарија 35:21, Романија - Словенија 25:20. Слободна беше селекцијата на Исланд. Табела: Германија 6, Унгарија 5, Романија 4, Исланд 4, Словенија 1.
Група Б (сала „26 април“ во Гевгелија): Ангола - Казахстан 28:12, Данска - Црна Гора 29:29. Слободна беше селекцијата на Јапонија. Табела: Данска 7, Црна Гора 7, Ангола 4, Јапонија 2, Казахстан 0.
Група Ц (сала „Билјанини извори“ во Охрид): Бразил - Македонија 27:25, Јужна Кореја - Хрватска 29:29. Слободна беше селекцијата на Австралија. Табела: Хрватска 7, Јужна Кореја 7, Бразил 4, Македонија 2, Австралија 0.
Група Д (спортска сала во Виница): Аргентина - Тајван 25:22, Шпанија - Франција 20:20. Слободна беше селекцијата на Алжир. Табела: Франција 7, Шпанија 7, Аргентина 4, Тајван 2, Алжир 0.
Денеска на програмата
Група М1 (Скопје): Унгарија - Ангола (17 ч.), Романија - Данска (19 ч.), Германија - Црна Гора (21 ч.).
Група М2 (Охрид): Јужна Кореја - Аргентина (17 ч.), Бразил - Франција (19 ч.), Хрватска - Шпанија (21 ч.).
Група П1 (Гевгелија): Исланд - Казахстан (19 ч.), Македонија - Алжир 21 ч.)
Група П2 (Виница): Јапонија - Словенија (19 ч.), Тајван - Австралија (21 ч.). |