Најдобриот пливач Наумовски дома, синот на потпретседателот на ПФМ во Пекинг
Сергеј Наумовски
Олимпискиот сон на младиот пливач се сруши, иако има најдобар резултат за 2008 година, според ФИНА
Наум Котевски
Денеска македонската олимписка експедиција влезе во авионот за Пекинг, каде на осми август ќе стартува најголемиот спортски самит Олимписките игри, носејќи го со себе и коферот со скандалот со вајлд картата за пливачките дисциплини, што неправилно му е доделена на Михајло Ристовски за настап на 200 м слободно, а не на Сергеј Наумовски, кој требаше да учествува на 100 м. слободно.
Имено, Пливачката федерација на Македонија и Македонскиот олимписки комитет ја немаат испочитуванио одлуката на ИОК на Игрите да настапи пливачот со најдобар резултат во 2008 година, демонстрирајќи на перфектен начин како се руши олимписки сон на еден млад спортист, кој сега размилува тотално да се откаже од спортот.
Дека станува збор за тотално самоволие на семоќниците во пливањето докажува и уредната документацијата што ни' беше испратена во редакцијата лично од Сергеј Наумовски, во која се потврдува дека тој на ЕП во Ајндховен испливал резултат од 53,48 сек. во дисциплината 100 м. слободно, што, според, бодувањето на ФИНА носи 737 бода. Од друга страна Михајло Ристовски, на кого МОК му ја додели вајлд картата, има освоено 726 бода, со остварениот резултат од 1:57,93 мин.
„Крајно сум разочаран. Тоа што сум најдобар пливач и имам освоено најголем број поени според таблицата на ФИНА не е доволно да отпатувам за Пекинг и да го реализирам мојот спортски сон. Сега таму ќе оди послаб од мене. Се обидов да контактирам со Пливачката федерација и со МОК, но на крајот ми кажаа дека сето тоа е завршена работа, иако крајниот рок беше 23 јули“, вели скршениот Наумовски, кој правдата ја побарал и преку ФИНА и ИОК, институции кои дале препораки до нашата Федерација, но за жал ниту тоа не било испочитувано.
Едноставно Федерацијата била тотално глува, а МОК „играл со една уво“. Имено, случајот бил разгледуван и позитивно оценет на Спортскиот директориум на МОК, кој застанал зад Наумовски, но последната инстанца Управниот одбор, кој иронично, беше закажан за последниот ден за поднесување на пријавите на спортистите, му дал негативен одговор на Наумовски со образложение дека е веќе доцна.
Од целиот случај е згрозен и тренерот на Наумовски Димитрија Поповски, инаку член на Директориумот на МОК, кој се обиде да ја лоцира причината за овој срам: „Таткото на Михајло, Милан Ристовски, е претседател на Одборот за пливање. Таму е одлучено дека резултатот на неговиот син е позначаен од оној на Наумовски. Цел живот сум со пливањето и тврдам дека на Наумовски му е нанесена голема неправда“, вели Поповски.
Со лично писмо до претседателот на ФИНА, Маркулеску, се обрати и мајката на Наумовски, Викторија, Декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Американскиот колеџ, која со право го прашува авторитетот како да одговори на логичките прашања на Сергеј: „Зошто не одам на Олимпијада? Зошто некој ме казнува бидејќи сум бил повреден и не сум учествувал на СП во Мелбурн. Зошто не се почитуваат резултатите? Зошто некој сака да ми ја уништи пливачката кариера, а имам само 20 години? Зошто некој не ми дава да покажам што можам?
Подолу во писмото до Миркулеску, во кое меѓудругото бара помош да разбере зошто толку време, енергија и пари потрошило целото нејзино семејзтво во градење на кариерата на Сергеј, мајката впрочем самата си го дава одговорот: „Во Македонија нема вода во базените, но во нив има политика, алчност и примитивизам!“.
|