Медиумите во Југоисточна Европа се користат за политички цели
Бодо Хомбах е загрижен што медиумскиот сектор се оддалечува од фер конкуренција
Европа се двоуми додека медиумскиот сектор во југоисточниот дел на континентот се движи наназад, далеку од принципите на демократијата и фер конкуренција, предупреди Бодо Хомбах во интервјуто што беше објавено минатата недела.
„Во Европа се забележува иритирачка и неадекватна летаргија. Настаните во Југоисточна Европа кои ги кршат слободите, што само пред кусо време ги сметавме за важни, сега се прифатени“, рече Хомбах. Тој е коизвршен директор на медиумската групација ВАЦ, германски конгломерат со седиште во Есен со широки деловни интереси низ Југоисточна Европа.
Медиумите кои можат да ги контролираат оние на високи позиции и да ги изнесат злоупотребите на власта се суштински елемент на една функционирачка демократија, рече Хомбах во интервјуто објавено во најновото издание на списанието „Оствест-контакт“. Групацијата ВАЦ мошне внимателно ќе ги следи натамошните настани. „Сакам да видам дали одговорните од Југоисточна Европа сами го препознаваат лошиот тренд и покажуваат решителност да го приспособат во согласност со европските правила на конкурентност“.
Хомбах предупреди на сериозни искривувања на фер конкуренцијата на медиумските пазари. Во Југоисточна Европа се' поголем број актери инвестираа во индустријата, не за да остварат профит, туку од други мотиви. „Тие се инволвираат со цел да ги искористат медиумите за политички или лични економски цели“. Трендот е особено загрижувачки во Романија и во Бугарија, двете земји што се приклучија кон ЕУ пред две години. Иако тие беа заинтересирани да ги следат пазарните правила и политичките принципи во периодот пред пристапување, состојбата се влоши откако се приклучија кон Унијата, рече Хомбах.
Тој ја опиша Романија како „тежок пазар“, каде што медиумската групација ВАЦ е соочена со конкуренти кои не играат според правилата. „Се надеваме дека наскоро ќе има поголема правна безбедност и сигурност“. Моментно, неговата компанија се' уште размислува за опциите.
Во април, медиумската групација ВАЦ склучи голем партнерски до��овор со Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД), според кој ЕБРД ќе инвестира до 40 милиони евра во заеднички активности со „Остхолдинг“, источно крило на медиумската групација ВАЦ. Целта беше да се поддржи развојот на медиумите кои се политички и економски независни, рече Хомбах. Тој наведе обиди за ослабување на независните медиуми во некои земји.
„Нашата компанија, исто така, е погодена. Сакавме да се заштитиме и - покрај тоа што се однесувавме беспрекорно - примивме партнер со најстроги принципи за корупција и сомнителни сојузи: ЕБРД“.
Хомбах, поранешен координатор за меѓународниот Пакт за стабилност за поттикнување развој на Балканскиот регион, изјави дека и натаму се залага за натамошно проширување на Европската унија. Да се повлече опцијата за членство во ЕУ би била фатална грешка. „Патот до Европа е многу важен за тие земји. Вратата мора да остане отворена“.
Но, потребна е подобра контрола дали ветувањата и заложбите дадени во процесот на пристапување се почитуваат во иднина. „Потребен е некој вид мониторинг, можеби за сите нас. Секоја земја е советувана одвреме-навреме да проверува дали се' уште ги следи договорените добри принципи“. (У.В.) |