Сто дена чистење депонии и паркови
Следната недела градоначалникот Трајановски ќе ги наброи проектите сработени во Скопје
Сања Наумовска
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, следната недела ќе ги соопшти резултатите од својата работа во првите 100 дена на градоначалничката позиција. Од кабинетот на Трајановски соопштуваат дека реализацијата на 30 проценти од програмата, која првиот човек на Скопје ја презентираше пред два дена, се однесува на сите градоначалници на неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Следната недела, велат во кабинетот, ќе се прецизираат проектите сработени во Скопје, со акцент на програмата на Трајановски, без да се споменуваат оние чија реализација тече, односно кои беа започнати од неговиот претходник Трифун Костовски. Во Градот Скопје не објаснија дали Трајановски само ќе ги наброи своите активности во изминатите три месеци или, пак, ќе се издвојат проектите со поголема тежина.
Најголемиот дел од времето во изминативе три месеци, новиот градоначалник на Скопје се занимаваше со расчистување на депонии и со слични комунални акции, но не започна ниту еден капитален проект. Напротив, со последниот ребаланс на буџетот се скастрија парите за поголемиот дел од важните сообраќајни проекти кои беа зацртани подолго време во плановите на градските власти. Трајановски настрана го тргна проектот за трамвајот, што заедно со последното поништување на тендерот за набавка на двокатни автобуси за скопјани значи простување со надежите за подобар јавен превоз.
Пари нема ниту за проширувањето на „Илинденска“ и „Гологанов“ се стопираат и проекти кои ги најавуваше и самиот тој, како што се кружниот тек кај Католичката црква, „Македонска војска“, како и изградбата на плоштад на кејот „Димитар Влахов“. Пари ќе има само за улицата „Благој Стевковски“ во Гази Баба. Иако дополу завршени, запре и поставувањето на жардиниерите на средишното зеленило на булеварите. Од проектите што се реализираат подолго време продолжуваат само „Видое Смилевски-Бато“ и клучката „Бит-пазар“.
Во меѓувреме, при секое излегување во јавноста, се добива впечаток дека градските власти најчесто се дружат со греблото и ло��атата. Се реализираше акцијата „Заедно за чисто и зелено Скопје“, која траеше по два дена во секоја општина и која ни оддалеку не ги реши комуналните проблеми со кои со години живеат скопјани. Се чистеа депонии и се закрпија дупки, а деновиве, заедно со Владата започна и акцијата за чистење на речните корита. Се уредува и Градскиот парк, исчистени се езерцата, поставени се нови кошници за отпадоци, а деновиве се подновуваат и пешачките патеки. Трајановски ги посети и месните заедници на кои се изнаслуша за проблемите на граѓаните, а во меѓувреме започна да ги поправа и пешачките патеки на мостовите кај „Александар палас“ и Обединети нации. Во првите 100 дена од владеењето со главниот град, Трајановски беше дел од скандалот со обвинувањата на невладините организации за наводно труење на кучињата-скитници во стационарот во Вардариште, како и несоодветната достава на решенијата за данок на имот кои се делеа на импровизирани камперски масички. |