Минчо Јорданов ги продаде своите 20 проценти во „Макстил“?
„Репро Оне“, вториот најголем поединечен акционер во „Макстил“, вчера го продаде својот удел во таа компанија. На берзата е објавена блок-трансакција вредна 399,5 милиони денари (околу 6,5 милиони евра), во која „Репро Оне“ ги продаде сите свои 2,83 милиони акции со право на глас, по цена од 141 денар за акција, што претставува 19,38 отсто од основната главнина на друштвото.
Според официјалната евиденција на Централниот депозитар, „Репро Оне“ е единствена компанија која може да се јави како продавач на толку големо количество акции во „Макстил“, затоа што износот на продадени акции е идентичен на износот на акции, кои ги поседува оваа странска компанија во „Макстил“, пренесе вчера домашниот Интернет-сајт „БИК“ (Берза, инвестиции, консалтинг). Во „Макстил“ вчера никој од одговорните не сакаше да ја потврди или да ја демантира веста.
Неофицијално, „Репро Оне“ е компанија во која целосен сопственик или косопственик е Минчо Јорданов, познат македонски бизнисмен, успешен во повеќе бизниси во земјава и во странство. Засега нема никаква информација зошто Јорданов го продава својот удел во „Макстил“, пишува БИК. Според неофицијални податоци, неодамна при средбата со другите партнери од групата „Дуферко“, единствено Јорданов бил категорично против затворањето на компанијата на одреден период и привремено испраќање на принуден одмор на вработените, бидејќи компанијата генерира многу загуби последниве десетина месеци.
Инаку, „Репро Оне“ е компанија која е една од најголемите аквизитери и инвеститори во Македонија. Досега ги купи „Факом“ и „Бетон“, а присутна е и во уште една компанија, која произлезе од поранешната скопска железарница. Јорданов во земјава, освен во челичарскиот и во градежниот бизнис, присутен е и со инвестиција во реномираната скопска приватна клиничка болница „Ремедика“ , во агрокомбинатот „Црвени брегови“ од Кавадарци и во велешкиот комбинат „Градско“, информира БИК. (Ек.Р.) |