Никој не е одговорен за педалинките
Институциите немаат јасни одговори кој е надлежен за дозволи за педалинка и кој ја контролира нивната работа
Симон Илиевски
ОХРИД - Колку и дали некој воопшто се грижи за безбедноста на лицата кои се возат со популарните педалинки во Охридско Езеро. Ова прашање се отвори откако минатата недела, кај хотелот „Парк“ двајца млади охриѓани се превртеа од педалинка и се удавија во езерските води. Никој од институциите не може да објасни кој е надлежен за издавање дозволи за педалинка и кој ја контролира нивната работа, а особено нема јасни одговори за заштитата на оние кои ги користат за да се повозат по водите на езерото.
„Издавањето дозволи за педалинките не е во надлежност на локалната самоуправа и може да се рече дека работат на диво. Немаме право да ги контролираме и казнуваме“, вели Танас Танасковски, раководител на комуналните инспекциски служби при локалната самоуправа од Охрид. Плажите, како што објаснува, се сопственост на државата, а концесии за нив издава Министерството за транспорт и врски.
„Ниту знаеме кои се концесионерите и дали се нивни педалинките или со некого се договориле за да му отстапат дел од плажата за да ги издава на капачите“, додава Танасковски.
Од надлежноста се оградуваат и во Капетанијата на македонските пристаништа, која е дел од Министерството за транспорт и врски. „Согласно со Законот за внатрешна пловидба, надлежни сме за издавање употребни дозволи за пловните објекти кои работат на моторен погон и нив ги контролираме. Покрај ова, сопствениците на најбројните пловила, популарните кајчиња треба да полагаат и посебен испит за да ја добијат дозволата за пловење објаснуваат Капетанијата.
Во ваков амбиент без прецизна законска или подзаконска регулатива според неофицијални сознанија сопствениците на педалинките работат врз основа на потпишани договори за поставување и користење спортски реквизити со хотелите, а сега и со концесионерите на плажите. Сепак, нејасно останува колку таквите договори се законски и кој одговара за безбедноста на граѓаните што ги изнајмуваат на половина или еден час. Според концесиските договори, сопствениците се должни да го означат просторот за капење и за тоа мора да ангажираат обучени спасувачи. Тоа го прават, но педалинките се користат надвор од обележаниот простор.
Сопственик на педалинки на една од охридските плажи, не сакајќи да го соопшти идентитетот на фирмата, тврди дека овој, како што рече, мал бизнис е легален. „Имаме регистрирано фирма, склучено договор за користење дел од плажата и за тоа плаќаме надоместок. Се грижиме за безбедноста на оние што ги изнајмуваат и прво им сугерираме да не ги користат доколку се непливачи. Им нудиме опрема и ги предупредуваме до каде можат да одат, но повеќето не реагираат на опомените“, објаснува човекот што ги издава педалинките. Притоа, додава дека не ги даваат на мали деца без присуство на родител ниту, пак, во време кога има бранови.
Минатонеделната несреќа, кога паѓајќи од превртена педалинка се удавија две момчиња на 19 и 20 години, покажа дека, сепак, непливачи ги користат педалинките и со тоа си го ризикуваат животот. Слична несреќа имаше лани и на струшките плажи, а неколку беа регистрирани и изминативе години. Имало примери кога се превртувале педалинки, но тоа не завршувало трагично, пред се', поради тоа што биле во близина на брегот и што ги користеле луѓе што пливаат. Но, тоа во никој случај не е потврда за безбедно користење.
Спасувачи обучени во единицата за безбедност на вода при Црвениот крст се ангажираат на охридските плажи, но тие го контролираат само оградениот дел за безбедно капење. Благодарение на нивните интервенции, како што објаснува претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков, изминативе години спасени се многу животи.
„Концесионерите на плажите во Охрид во најголем дел ги почитуваат законските обврски и ангажираат спасувачи. За жал, на струшките плажи досега не е ангажиран ниту еден спасувач, што е голема опасност за безбедно капење“, вели Точков.
Според очевидците, спасувачот кај хотелот „Парк“ покажал извонредна храброст да ги извади од вода момчињата што се давеле. Неговиот обид бил неуспешен затоа што педалинката била многу далеку од оградениот дел за безбедно капење. Овој факт мора да го имаат предвид концесионерите кои овозможуваат небезбедно користење на педалинките. Уште поголема одговорност имаат државните институции кои најитно треба да ја утврдат надлежноста за легална и безбедна употреба зашто очигледно педалинките можат да бидат причина за губење човечки животи.
Комисија ја истражува несреќата со момчињата
Капетанијата во Охрид вчера формираше Комисија за испитување на несреќниот случај, во кој животот го загубија две момчиња. Се испитуваат безбедносните услови и околностите под кои се случила несреќата. Две момчиња се удавија при управување со пловен објект со посебна конструкција без сопствен погон наменет за рекреација и спортување (педалинка). |