Број 3035  вторник, 14 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Европа - Балкан

Сезона на балканските кавги

Иван Торов

Синдромот „недовршена балканска работа“ повторно и се' посериозно ги тресе просторите на поранешна СФРЈ

БЕЛГРАД - Каде оди Балканот? Можеби ова прашање на некои ќе им изгледа бесмислено и пренапнато со самото тоа што од последниот воен судир (на и околу Косово) мина цела деценија, а сите новоформирани држави негуваат амбиции поскоро да се најдат во друштво на останатите народи во ЕУ. Сепак, изгледа дека не е така. Имено, уште поодамна нема недела во која, на различни начини, со ист или сличен повод и мотиви, испратени толку многу, во најмала рака, алармантни пораки. Актерите, главно се, исти, заемни обвинувања, помалку или повеќе, слични идеолошко-национални матрици од деведесеттите години, крајниот резултат е: мачен впечаток дека синдромот на „недовршена балканска работа“ повторно и се' посериозно ги тресе првенствено просторите на поранешна СФРЈ.

Веројатно само околностите сакаа новата рунда балкански кавги и спорови да почнат речиси во истиот час кога хрватскиот премиер во заминување Иво Санадер и' го предаде кормилото на власта на Јадранка Косор. Стравувањето во некои кругови дека таа промена би можела да го зајакне десното, националистичко крило на владејачката ХДЗ се покаже делумно (но не и целосно) точно. Загрепската порака за Љубљана да не смета дека „ќе добие макар метар од хрватската територија“ некако коинцидираше со она што нешто подоцна се случи на традиционалниот Кроација самит во Дубровник. Повлечен е (не)дипломатски потег кој молскавично дополнително ги заостри и онака кревките српско-хрватски односи. Бидејќи организаторот, и покрај договорот, настапот на српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, од првиот го префрли во вториот ден од самитот, официјален Белград го откажа доаѓањето на шефот на дипломатијата во Дубровник. Додека едните ја проценија таа постапка како чист и непотребен протоколарен гаф, другите, пак, уверени дека домаќинот, Хрватска, токму со ова сакаше да го осуети Јеремиќ повторно, сред Хрватска, како гостин, да дели лекции за „вистинската природа“ на војната во Хрватска и етничкото чистење на Србите од оваа држава.

А, всушност, предиграта започнала неколку дена порано, во Стразбур, на т.н. летниот семинар на ЕУ за млади политичари, правници, новинари, кога претседателот на Хрватска, Стјепан Месиќ, во својство на предавач, со ставот дека Србија не мора да го признава независно Косово, но мора да изврши сопствена декосовизација, предизвика револт кај српската делегација (од Србија, Црна Гора, Република Српска и од Косово), напуштајќи го демонстративно семинарот. Белград на „провокациите“ на Месиќ, особено на неговата дополнителна изјава дека Србија ја „кочи регионалната соработка“, возврати дека „нема да долева масло на огнот“, но на Загреб ќе му достави список на спорни теми на кои Хрватска ќе мора да докажува дали е навистина приврзана за балканска соработка. Станува збор за тајните обвиненија против Срби, хрватската тужба против Србија за геноцид, граничниот проблем на Дунав, враќање на бегалците, станарското право на Србите во Хрватска.

Но, дека работите нема да одат така лесно и мазно се потруди Месиќ со нова критика кон „својот српски колега и пријател“ Борис Тадиќ, што без консултации и согласност на Сараево, побрзал во Бања Лука да го поддржи тамошниот премиер Милорад Додик во неговиот судир со високиот претставник Валентин Инцко, сметајќи го тоа за недозволив дипломатски скандал. Месиќ, попатно, ги поткачи и „своите“ од Херцег-Босна, нарекувајќи го нивното барање да им се додели посебен хрватски ентитет во БиХ обид за растурање на единствената држава. Од Мостар мошне брзо уследија жестоки реакции на хрватските лидери, кои во настапот на Месиќ препознаа подготовка за можни вонредни парламентарни избори во Хрватска, кои, напоредно со претседателските, би се одржале наесен.

И додека српската дипломатија мошне грижливо настојуваше да парира на хрватските провокации од Стразбур, Загреб и Дубровник, во самиот Белград, речиси молчаливо, се премина на уште еден дипломатски „инцидент“, неочекуваното откажување на посетата на холандскиот министер за надворешни работи, Максим Ферхаген, на Србија. По малку еуфоричната српска власт, која во најавените посети на Хавиер Солана, Оли Рен, па и самиот Ферхаген, веќе виде сигурна потврда на уверувањето на Тадиќ дека Србија е „земја без која ЕУ не може“, беше затекната со пораката на холандскиот министер дека не сака српските политички соговорници, покрај претходниот договор, да му наметнуваат теми за кои треба да се разговара. Всушност, станува збор дека Србија престојот на Ферхаген на Белград да го искористи за да ја убеди Холандија да го ревидира своето упорно противење за одмрзнување на преодната спогодба на Србија со ЕУ поради изостанување „целосна соработка“ со Хашкиот трибунал, односно фактот што главниот стратег за масакрот во Сребреница, Ратко Младиќ, и натаму е надвор на дофатот на правдата.

Што се однесува до 14-годишнината од геноцидот во Сребреница, која штотуку помина, во Белград ништо ново. Барањето на стотина невладини организации српскиот парламент да усвои резолуција со која недвосмислено ќе го осуди масовното злосторство над Бошњаците и 11 Јули - Европскиот ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот, да биде обележуван и во Србија, наиде на симптоматично игнорирање. Наместо тоа, од Белград се пратени пораки од највисоките официјални лица во кои се повторуваат познатите ставови дека сите злосторства направени на просторите на бивша Југославија се ставаат во ист кош, односно ги урамнотежуваат. Всушност, се манифестира заклучок дека Србија ни по толку години не сака да се дистанцира од воената и националистичката политика на Милошевиќ ниту се помирува со пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека можела, но не го спречила масакрот меѓу седум и осум илјади Бошњаци во Сребреница.


Статијата е прочитана 829 пати.

Испрати коментар

Од: pane
Датум: 14.07.2009 07:53:19
Balkanot odi tamu kade shto go teraat kaubojcite i nivnite gavazi.
Од: xeni
Датум: 14.07.2009 14:14:34
Daj boze uste malce da ostanuvaat vakvi politicari kako ministerot za nadvoresni raboti na Srbija..., a toa ke pridonesuva kon konsolidiranje na albanskiot faktor vo balkanot i posle HASTA LA VISTA na politikata na srbija, koja samo po sredstvata koi gi upotrebuva sega se razlikuva od politikata na miloseviq. Pozdrav

Најди! во Утрински
Насловна
Фантазмагоријата со двокатните автобуси
Сто дена чистење депонии и паркови
Ставрески ги ѕида инвестициите што ги нема
ЦИА криела информации од Конгресот по наредба на Чејни
Никој не е одговорен за педалинките
Медиумите во Југоисточна Европа се користат за политички цели
„Ѕидање“ на правото
Без визи само со биометриски пасоши?
Минчо Јорданов ги продаде своите 20 проценти во „Макстил“?
Билатералните спорови се едно, членството во ЕУ е друго
Курбе му се прикажува на Станковски