Споровите се едно, членството во ЕУ друго
Претседателот Иванов во посета на Загреб. Двете земји имаат највисок степен на разбирање
Загреб - Мојата посета на Хрватска е сигурен израз на традиционалните билатерални односи и потврда за пријателството меѓу нашите народи, изјави македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов по вчерашната средба со својот хрватски колега Стипе Месиќ во Загреб.
„Задоволен сум поради тоа што и на овој план одново се потврди дека меѓу нашите земји постои највисок степен на разбирање, подготовка за натамошна соработка и заемна помош и поддршка“, порача Иванов.
Според Месиќ, Загреб високо го цени фактот што првата официјална посета на претседателот Иванов на една странска држава од стапувањето на должноста е токму на Хрватска.
Месиќ апелираше за „трајно надминување на хипотеките од војните во кои се распадна југословенската федерација“ и повика сите актери на регионалната политичка сцена да се помират со новонастанатите факти и со „реалноста, која понекогаш може да не ни се допаѓа, но тоа едноставно е така“.
Двајцата претседатели разговарале и за положбата на Хрватите во Македонија и на Македонците во Хрватска, при што Месиќ порачал сериозно да се пристапи на спроведување на Спогодбата од 2007 година за заштита на правата на хрватското малцинство и на македонското малцинство во Хрватска, кои можат да имаат значајна улога во културното, но и во економското поврзување на двете земји.
Во врска со влијанието на билатералните спорови врз процесите на евроатлантско интегрирање, Иванов нагласи дека е позитивно тоа што преовладува ставот, што беше потврден и од шведското претседателство со ЕУ, дека овие прашања треба да се одвојат од преговорите за членство.
„Се надеваме дека Европа ќе најде начин како овие билатерални прашања да не бидат дел од нејзината агенда и да се најдат решенија прифатливи за двете страни. Позитивно ја оценуваме неодамнешната изјава на грчкиот претседател Папуљас дадена во Белград дека ваквите прашања треба да се решаваат во рамките на меѓународното право“, рече Иванов.
Малите земји како нашите може да бидат веродостојни во светот само ако се придржуваат кон принципите, порача Месиќ, додавајќи дека билатералните прашања треба да бидат одвоени од преговорите за членство во ЕУ.
Тој нагласи дека прашањето за хрватско-словенечкиот спор било актуелно и за време на приемот на Словенија во ЕУ, но дека тогаш на Хрватска не и' било ниту на крај памет да прави проблем и да ги алармира земјите од Унијата дека Љубљана има отворени прашања.
Месиќ потсети дека Хрватска има отворено прашање за границата и со Црна Гора, кое е решено со привремен договор со кој се предвидува кога ќе се спогодат двете земји за тоа, проблемот да се реши пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Во врска со македонско-грчкиот спор околу името, Иванов нагласи дека посредникот на ОН, Метју Нимиц, за време на неодамнешната посета не дал дефинитивен предлог, туку дека изнел само сет идеи што не се однесуваат само на името и треба да бидат разгледани и од македонската и од грчката страна. (МИА) |