Просинечки сака да ја врати старата слава на Звезда
Белодедиќ, Биниќ, Савичевиќ... сите му даваат поддршка на некогашниот фудбалски Паганини
Роберт Просинечки ќе дебитира на клупата на Црвена звезда на мечот со Смедерево. Блиските пријатели открија дека тој веќе ја има формацијата. Шестата Звездина ѕвезда ќе инсистира на 4-1-4-1 и пас игра, бидејќи е импресиониран од играта на Барселона.
„Знам дека ќе се зборува и во Србија и во Хрватска дека сум почетник, но имам одговор за тоа. Воопшто не се плашам, во спротивно луѓето од Звезда немаше да ме викнат за тренер. Знаете каков играч сум бил, за се' се изборив сам, а таков сакам да бидам и како тренер“, вели Просинечки.
„Роби го истакна победничкиот карактер“, „Во Лјутица Богдан се враќа легендата“...полни се српските медиуми со пофалби за човекот кој и самиот не може, а да не се врати на времето на звездината слава.
„Сакам тимот да игра како во мое време. Како фудбалер со Звезда бев најдобар во Европа и светот, а сега на мене е тоа да го направам како тренер. Попрецизно, сакам Звезда да биде почитувана во светските рамки! Подготвен сум да ризикувам, затоа и доаѓам во Белград“, додава Просинечки, кој доби поддршка од хрватските легенди Бобан, Шукер, Јарни.
„Имав морална обврска кон моето фудбалско семејство во Хрватска. Секако дека бев во контакт со моите бивши соиграчи од репрезентацијата. Секојдневно зборуваме за се', па така и за мојата работа. Важно ми е нивното мислење. Звезда е голем предизвик за мене. И Гвардиола беше почетник кога седна на клупата на Барса. Секако, не сакам да се споредувам, сакам да градам свој стил, игра која ќе биде како мојата некогаш, со многу многу додавања. Со моето залагање сакам да ја оправдам и довербата на „Делиите““, посочи Просинечки.
Уште не стигнат во Белград, а таму го пречекаа како господ. Цимерот на Просинечки од играчките денови Миодраг Белодедиќ вели: „Го познавам многу добро. Ја делевме собата. Ќе му биде тешко, но во било кој момент може да смета на мојата поддршка“.
Неговите зборови ги потврди Драгиша Биниќ: „Дојде како неафирмиран играч и стана светска класа. Така нека биде и со тренерската работа“.
Свој коментар даде и претседателот на Фудбалската федерација на Црна Гора, Дејан Савичевиќ: „Роби е вистински човек, беше и живееше за Звезда. Навивачите го обожуваат. Дури и во тоа време Роби се држеше по страна. Секогаш беше коректен и никој нема на што да му замери. „Делиите“ тоа го знаат и сигурен сум дека ќе го прифатат како и кога беше играч. Тоа што е од Хрватска нема да биде никаков проблем. Секако, секогаш ќе има луѓе на кои нешто ќе им пречи. Но, за среќа тие се многу помалку“, потенцира Савичевиќ, кој мисли дека искуството на Просинечки во хрватската репрезентација како помошник на Славен Билиќ е доволно да започне со работа во Звезда. |