Лазевски во дресот на Волкот
Македонскиот репрезентативец Александар Лазевски одигра одличен натпревар во поразот на неговиот Партизан од Арсенал на „Емирати“ 1:3. Можеби не беше најдобар на теренот, ама беше најуспешен во борбата за размена на дресови. Токму тој се трампаше со Тео Волкот, џокерот на Арсенал, кој во 73 минута ги смири нервите на Арсен Венгер. Тогаш го постигна голот за 2:1, кој значеше дека Арсенал оди во втората фаза.
Околу 20 минути на семафорот стоеја неповолните за Англичаните 1:1. Во тие моменти во Доњецк на мечот Шахтјор - Брага беше 0:0. Венгер стравувал од најлошото - во Лондон да остане 1:1, а Брага да даде гол во Украина. „Да, се уплашив. Во игра беше најцрното сценарио за нас. Во фудбалот се' е можно. Но, на крајот добро се заврши. Сега ја чекаме ждрепката“, вели Венгер.
Инаку, Лазевски при резултат 1:3 имаше стравичен трк по левата страна, доби употреблива топка, но Сања го сруши на работ од шеснаесетникот за што заслужено доби црвен картон.
Како и да е, на крајот победи и Шахтјор со 2:0, изборувајќи се за историското прво место во групата. „Секако дека сме полни со еуфорија. Сите во Украина се среќни поради Шахтјор. Освоивме 15 бода и прво место. Ова е историски успех! Цело време играме на многу високо ниво“, изјави еден од најдобрите играчи на Шахтјор Дарио Срна.
Група Е
Баерн - Базел 3:0
Клуж - Рома 1:1
Табела: Баерн 15, Рома 10, Базел 6, Клуж 4
Група Ф
Марсеј - Челзи 1:0
Жилина - Спартак М 1:2
Табела:Челзи 15, Марсеј 12, Спартак М 9, Жилина 0
Група Г
Реал М - Оксер 4:0
Милан - Ајакс 0:2
Табела:Реал 16, Милан 8, Ајакс 7, Оксер 3
Група Х
Арсенал - Партизан 3:1
Шахтјор - Брага 2:0
Табела: Шахтјор 15, Арсенал 12, Брага 9, Партизан 0
Ждрепката за осминафиналето ќе се одржи на 17 декември. Во првиот шешир ќе бидат првопласираните тимови од групите: Тотенхем, Шалке, Манчестер јунајтед, Барселона, Баерн, Челзи, Реал, Шахтјор. Во вториот се наоѓаат второпласираните: Интер, Лион, Валенсија, Копенхаген, Рома, Марсеј, Милан, Арсенал.
Првопласираните, значи, не може да играат едни против други, а исто така во осминафиналето не може да се сретнат двата тима од исти држави. |